Бизнис вести

Македонските градежници можат да работатна инфраструктурни проекти во Индонезија

Оваа азиска земја веќе има распределено средства во износ од една милијарда долари за развој на инфраструктурата, но бара и други инвеститори

вторник, 05 декември 2017

Индонезија во моментов многу вложува во развој на својата инфраструктура и токму тука постои можност македонските градежни компании да земат активно учество. Ова било речено на средбата на делегација на Парламентот на Индонезија со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. На средбата се разгледувале можностите за натамошно унапредување на економската соработа меѓу Македонија и Индонезија, кои веќе негуваат солидни односи, но поради големата оддалеченост немаат голема трговска размена.

„Индонезија веќе има распределено средства во износ од 303 трилиони рупии (една милијарда долари) за развој на инфраструктурата. Но, би било добро доколку дојдат други инвеститори да инвестираат и доколку дојдат и бизнисмени од Македонија“, рече Абдул Малик Харамеин, заменик претседател на индонзесиката парламентарна групата за религиозни работи, општествени работи и еманципација на жените.

Азески смета дека со пазар од 250 милиони жители Индонезија е респектабилен светски играч во економијата, особено во услови на светска економска криза. Тој потенцира дека стопанските комори на Македонија и Индонезија негуваат добри односи веќе долги години и дека секоја година имаат по некоја средба и активности, но оти соработката може да се продлабочи.

„Се надеваме дека преку овие средби ќе го зголемиме нивото на соработка. Тоа е исклучително важен пазар за нас и силна суровинска база и за дел од нашата индустрија и затоа се потребни почести вакви контакти и соработка на планот на размена на компаниите, учество на саемите...Индонезија е важна земја во економијата која спаѓа во Групата на 20 најразвиени земји и која може да ѝ помогне на Република Македонија на планот на инвестициите и наш извоз во оваа далечна земја - вели Азески.

Како проблеми на кои ќе работат да бидат разрешени Азески ги спомна визите и склучувањето договори за избегнување двојно оданочување и за олеснување на протокот на стоки и услуги.
 

Содржината е прочитана 139 пати.