Бизнис вести

Објавен повик за основни проекти за објектите од повеќенаменскиот комплекс кај Скопски саем

Инвеститорот, „Скопје Ист Гејт“ веќе ги избрал идејните архитектонски решенија за трговски центар, станбен комплекс, канцелариски згради, училиште, спортска сала и за спортски терени

вторник, 05 декември 2017

Компанијата „Скопје Ист Гејт“ објави повик за изработка на проектна документација за идниот повеќенаменски комплекс што ќе се гради кај Скопски саем. Инвеститорот веќе ги избрал идејните архитектонски решенија за трговски центар, станбен комплекс, комплекс од канцелариски згради, училиште, спортска сала и за спортски терени.

Со огласот се бара фирма што ќе ги изработи урбанистичките планови за комплексот и основните проекти за планираните објекти. Предвидено е да се изготви проект за рушење на постоечките објекти со површина од 33.000 квадратни метри и за дислокација на инсталации, основен проект за трговски центар со површина од 65.000 квадрати над земја и дополнителни 70.000 квадрати под земја. Потоа треба да се изготви основен проект за станбениот комплекс кој би зафатил 100.000 квадратни метри над и уште 50.000 квадрати пдо земја, додека основниот проект за деловниот комплекс треба да опфати објекти со површина од 75.000 квадрати над и 50.000 квадратни метри под земја.

Исто така се бараат и фирми што ќе ги изготват и основните инфраструктурни проекти за идниот комплекс.

Компанијата „Скопје Ист Гејт“, чиј мнозински акционер е групацијата „Балфин Груп“ која го изгради трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ пред извесен период информираше дека е новиот сопственик на просторот на Скопски саем со површина од 155.000 квадратни метри и дека планира да гради голем повеќенаменски комплекс. Целокупната инвестиција во комплексот, кој ќе има над 250.000 квадрати ќе изнесува 300 милиони евра и ќе се реализира во рок од пет до седум години. Предвидено е да се стартува со изградба на трговскиот центар, а градежните работи на првата фаза треба да започнат есента 2018 година.
 

Содржината е прочитана 153 пати.