Бизнис вести

Министерствто за транспорт планира над пет милијарди денари за капитани проекти

Предлог-буџетот за наредната година треба да обезбеди високо ниво на реализација на капитални инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и на комуналната инфраструктура

понеделник, 04 декември 2017

Буџетот на Министерството во 2018 година изнесува 1,680 милијарда денари, односно околу 26 милиони евра и е развоен. За капитални проекти се предвидени 5,105 милијарди денари, што е за 1,5 милијарди денари повеќе отколку претходната година, а овие средства се планира да се обезбедат со задолжување.

Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески презентирајќи го предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за наредната година. Тој потенцираше дека проектираниот буџет треба да обезбеди високо ниво на реализација на капитални инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура, а развојната компонента ветува зголемено учество на градежниот сектор во БДП.

„Во патната инфраструктура продолжува изградбата на автопатиштата. Планирано е во март да биде пуштен автопатот Демир Капија – Смоквица, до крајот на септември Миладиновци – Штип и дополнително да се направи анекс на договорот за автопатот Кичево – Охрид, за што преговорите се во завршна фаза“, рече Сугарески.

На крајот на наредната или на почетокот на 2019 година треба да почне изградбата на автопатот Скопје – Блаце, да се утврди периодот на изградба на патот Дебар – Тирана, паралелно ќе продолжи изградбата на почнатите експресни патишта, а ќе стартуваат активности и на нови.

Во буџетот на Министерството за наредната година, за гасификација се планирани 2,2 милијарди денари, за изградба на нови пруги на коридорите 8 и 10 повеќе од 1,3 милијарди денари, за водоводи и канализации во општините преку заем од ЕИБ се обезбедени 698 милиони денари, а 415 милиони денари се планирани за покривање на загубите во патничкиот железнички сообраќај. Со 104 милиони денари ќе се поддржува воведувањето нови дестинации во авиосообраќајот, за каде се најавува повик за избор на нискобуџетна авиокомпанија, бидејќи в година истекува договорот со актуелниот авиопревозник.
 

Содржината е прочитана 136 пати.