Интервјуа

Интервју со господин Волфганг Гампер, Сопственик и генерален менаџер на SECURICOM

Идните планови за развој на SECURICOM во Македонија се во насока да имаме задоволни клиенти, да имаме вработени што со задоволство работат кај нас, да имаме вработени што се горди што работат во SECURICOM и континуирано да се прошируваме

понеделник, 04 декември 2017

МАРИЛИ: Господине Гампер, како сопственик на компанијата SECURICOM International, која има долга традиција во областа во која работите, кажете ни што е најважно за опстанокот и за работењето во еден бизнис?
ГАМПЕР:
Едно добро претпријатие во суштина стои на три столба: вработените, клиентите и производот.

МАРИЛИ: На што се должи пробивот на Вашата компанија на европските и на другите светски пазари? Дали тоа е резултат на концепцијата и квалитетот или на визијата за развој?
ГАМПЕР:
Развојот на претпријатието се состои во тоа што од самиот почеток е потребно претпријатието да има визија, а претпријатието од доменот на услужните дејности, како што е нашето, треба долгорочно да се ориентира кон неа. Како што веќе споменав во претходниот одговор, од особено значење се сериозниот пристап кон клиентот и правилното распоредување и исплаќање на вработените според тоа како работат. Се разбира, сѐ во согласност со важечките закони.

МАРИЛИ: Колку сте задоволни со SECURICOM во Македонија, имајќи предвид дека во менаџерскиот тим во континуитет имате жени на високи менаџерски позиции?
ГАМПЕР:
За ова прашање имам краток одговор: Ако не би бил задоволен со SECURICOM во Македонија, тогаш веќе не би постоел SECURICOM. Факт е дека имаме вработено околу 900 жени и дека тие се сосема задоволни од својата работа. Впрочем, моето мислење е дека жените во Македонија се поделотворни и поенергични од мажите.

МАРИЛИ: Какви се идните планови за развој на SECURICOM во Македонија?
ГАМПЕР:

- Да имаме задоволни клиенти,
- Да имаме вработени што со задоволство работат кај нас,
- Да имаме вработени што се горди што работат во SECURICOM,
- Континуирано да се прошируваме.


Интервју со госпоѓа Елида Трајковска, менаџер за продажба во групација SECURICOM


МАРИЛИ: Госпоѓо Трајковска, што значи да се биде успешен и да се напредува во интернационална компанија како што е „Securicom“?
ТРАЈКОВСКА:
Во компанијата „Securicom“ почнав да работам во 2004 година на работно место архивар, а уште во 2000 година дипломирав на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на отсекот за прехранбено-биотехнолошко инженерство. Имав голема среќа да почнам да работам во компанија чиј сопственик постојано вложува во своите вработени и кој е отворен за соработка, за разгледување на нови идеи, како и со несебична поддршка за тоа што се работи. Оттогаш, па сè досега, во текот на сите овие години полека се качував по скалилата и во 2015 година стигнав до генерален директор, а од март 2017 година сум на позицијата менаџер на продажба во групацијата. Самиот овој факт покажува дека вложувањето во едукацијата, постојаното обновување и надградување на знаењето, напорната работа според интернационални стандарди, следењето на новите трендови на пазарот и приспособувањето на новите услови, перманентното вложување во заедницата, беспрекорниот тимски дух, всушност, се сигурна формула за успех.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, кои се најважните фактори за градење успешна кариера?
ТРАЈКОВСКА:
Се разбира на прво место е секојдневната напорна работа што, според моето мислење, е основен предуслов за успех во секоја сфера од живеењето. Понатаму, искрената посветеност на проблематиката што ја работите и која понекогаш налага и извесно „жртвување“, всушност, без искрена и длабинска посветеност не е возможен напредок. Како значаен фактор би ги издвоила и стремежот кон надградба на личното знаење и едукацијата. Тоа претставува многу важен процес, без кој е невозможно да се изгради успешна кариера. Секако, како еден од најзначајните фактори за мене претставува и поддршката од колегите, семејството и од пријателите. Средината во која живеете и творите е еден од најважните и највлијателните фактори што влијаат врз напредокот на една личност на секое поле. На крајот би го истакнала и личното мото што ме следи во мојата досегашна работа, а тоа е: „Бидете смели, бидете различни и секогаш бидете први“. Ова е мото во кое искрено верувам и кое секогаш се трудам да го спроведувам.

МАРИЛИ: Дали новата функција што ја имате во компанијата Ве поттикна да подготвите и посебен концепт како да ја зголемувате продажбата, како во овој правец да ги користите сознанијата што ги има „Securicom“?
ТРАЈКОВСКА:
Како што напоменав и претходно, од март 2017 година почнав да ја извршувам функцијата менаџер за продажба на групацијата, а сметам дека оваа функција е стожер на една компанија. Во овој момент се чувствуваме подготвени и доволно созреани нашиот бизнис да го прошириме и надвор од Македонија, т.е. на територијата на целиот Балкан. Имајќи ги предвид истражувањата што ги правиме во моментов, сметаме дека има доволно плодна почва на која може да се посее нашето искуство, работа според интернационални стандарди, како и наметнување нови правила што ќе доведат до зголемување на професионализмот во делот на давањето услуги. Сигурно ќе биде напорно, но, како што кажува и самото мото на нашата компанија „Услугата е наш предизвик“, убедена сум дека со напорна работа на целиот тим ќе успееме и надвор од земјава да го направиме тоа што го направивме во Македонија.


МАРИЛИ: Бевте прогласена за една од најуспешните жени менаџери за 2016 година од агенцијата „Марили“. Како го доживувате ова признание, лично, но и професионално?
ТРАЈКОВСКА:
Пред сè, ова признание за мене претставува огромен поттик и одговорност кон мојата понатамошна работа. Чувствувам обврска да продолжам по патот по кој чекорам, со уште поголеми и посигурни чекори, а се надевам дека со тоа ќе придонесам за поголема сигурност на идните генерации. Од друга страна, ова признание, секако, значи и потврда на мојата досегашна заложба и работа и уште поголема верба во принципите и во начелата за кои говорев претходно. На личен план, пак, ова признание само уште еднаш докажува какво е влијанието и улогата на жената менаџер во денешното општество и затоа го сметам како мој скромен придонес кон поголемо и позначајно учество на жената во понатамошните процеси во нашето секојдневие.
 

Содржината е прочитана 569 пати.