Бизнис вести

Владата ќе биде посветена на привлекување нови домашни и странски инвеститори

Досегашната соработка меѓу домашните и странските компании е на многу ниско ниво и во најголем дел од случаите не преминува 1 отсто од вкупната работа на странските компании

четврток, 30 ноември 2017

Досегашната политика за привлекување странски инвеститори не ги донесе посакуваните резултати. Во технолошко индустриските развојни зони функционираат вкупно 19 компании во кои се вработени околу 20.000 лица, но околу 70 проценти од нив не се нововработени, туку се преземени од други фирми. И соработката меѓу домашните и странските компании е на многу ниско ниво и во најголем дел од случаите не преминува 1 отсто од вкупната работа на странските компании.

Ова го потенцираше вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој присуствуваше на бизнис форумот на странски инвеститори и домашни компании кои имаат потенцијал да станат нивни добавувачи, што се одржа во организација на Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори.

Анѓушев истакна дека Владата ќе биде посветена на привлекување нови домашни и странски инвеститори и појасни дека со Планот за економски раст, кој набрзо ќе премине во Владина програма за економски развој, ќе се поддржува зголемување на соработката помеѓу странските и домашните компании, a не создавање нелојална конкуренција. Во таа смисла се стимулираат странските компании да ја зголемат соработката со домашни компании. Како што објасни вицепремиерот, доколку странска компанија над 10 отсто од набавките ги извршува од македонски компании, Владата ќе ја поддржи со 1процент од вкупно направените набавки.

„Со Планот за економски раст ќе се стимулираат резултати и раст на компаниите. Ќе се стимулира вработувањето и исплаќање повисоки плати, Владата директно ќе ги помогне компаниите кои ќе вработат над 80 отсто невработени лица кои излегуваат од образовниот процес, вработени во компании во стечај или ликвидација, или превземени вработени од администрација, со 20 отсто од исплатена нето плата доколку исплаќаат плати над 50 проценти од минималната плата. Максимално компаниите може да добијат поддршка и до 4.400 евра годишно по вработен, бидејќи ќе се стимулира исплаќање повисоки плати“, рече Анѓушев.

Доколку компаниите остварат пораст на приходите во последните 3 години и не го намалуваат бројот на вработени во истиот период, а остварат нова инвестиција, може да очекуваат поврат на инвестицијата од 10 проценти, а доколку се извозно ориентирани, може да очекуваат уште 10 проценти поддршка за трошоците направени за зголемување на извозот. Доколку, пак, извозот го остваруваат во земји од Западен Балкан, Владата со дополнителни 10 проценти ќе ги покрие трошоците направени за зголемување на извозот во овие земји.

Според анализите направени за 2016 година, вкупно 7.000 компании во Македонија покажале раст на своето производство и не го намалиле бројот на вработени и би можеле да ги искористат мерките од Планот за економски раст.
 

Содржината е прочитана 220 пати.