Бизнис вести

Поевтинуваат дел од услугите на Катастарот

Со измени на Тарифникот за висина на надоместокот за повеќе услуги, цените за различни услуги се намалуваат од 28 до 90 отсто

четврток, 30 ноември 2017

Поевтинуваат дел од катастарските услуги. Владата ја усвои информацијата на Агенција за катастар на недвижности за изменување и дополнување на Тарифникот за висина на надоместокот за повеќе услуги. Со предложените измени, цените на Катастарот за различни услуги се намалуваат од 28 до 90 отсто.

Земјоделците ќе плаќаат и до 80 отсто помалку доколку сакаат да ја сменат кулутрата што ја произведуваат. Ова, како што рече директорот на Агенцијата за катастар, Борис Тунџев е особено важно за оние кои користат субвенции, бидејќи наместо 100.000 денари колку што се плаќаше досега за површини од над 10 хектари, сега ќе се плаќа само 15.000 денари.

„Досега, за промена на културата за површина до еден хектар се плаќало надоместок од 8.000 денари, а сега ќе се плаќа 5.000 денари. За површини поголеми од еден хектар надоместокот беше 60.000, а сега ќе биде 10.000 денари“, рече Тунџев.

Ќе поевтини и вадењето имотни листови, но само за сопствениците на инфраструктурни објекти кои наместо 194 ќе плаќаат по 180 денари. За граѓаните, пак, цената останува непроменета. Но, ќе плаќаат помалку при запишување на правата на недвижнини, односно на станови и куќи, па наместо досегашните 10 денари за квадрат, во иднина ќе плаќаат 8 денари од квадрат.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески информираше дека ќе биде вратен дел од овластувањата на приватните геодетски фирми. Така, наместо Катастарот да има ексклузивно право за вршење теренски работи за потребите на единиците на локална самоуправа и институциите на централната власт, заради забрзување на услугите таквите права и овластувања ќе ги имаат и приватните геодетски фирми кои ќе ги исполнат неопходните услови. Целта е, како што рече Сугарески, услугите да се децентрализираат и да станат подостапни, со што ќе се врати конкуренцијата меѓу Катастарот и приватните геодетски фирми и ќе се унапреди квалитетот на понудените услуги. Долната граница на цената на услугите треба да остане регулирана како и досега, додека горната цена ќе биде регулирана во согласност со пазарните услови.
 

Содржината е прочитана 142 пати.