Бизнис вести

„Фени“ отиде во стечај

Судот во Велес го прифати барањето на трите банки кредитори да се отвори стечајна постапка над целокупниот имот на кавадаречкиот комбинат

четврток, 30 ноември 2017

„Фени индустри“ отиде во стечај. Судот во Велес го прифати барањето на трите банки кредитори да се отвори стечајна постапка над целокупниот имот на кавадаречкиот комбинат. Сега доверителите треба да ги достават своите побарувања, кои според првични проценки се над 60 милиони евра.

Судот ја одби понудата на бугарски „Енекод“, откако банките реагираа дека била несериозна и без никакви гаранции.
Претставниците на фирмата „Кунико“, која е сопственик на „Фени“ побараа одложување на рочиштето и изземање на судијката, со образложение дека била пристрасна и не прифатила ниедно нивно барање, но Судот ги одби.

Од „Енекод“ не се изненадени од ваквата судска одлука, бидејќи, како што рече сопственичката Нели Беширова, банките постојано ги отфрлаат сите нивни предлози и понуди. Според неа, трите банки веќе имаат свој фаворит за „Фени“, а тоа е швајцарски фонд, зад кој, како што рече, стојат поранешните грчки газди на комбинатот. Беширова истакна дека за 2-3 дена ќе донесат одлука дали ќе продолжат да се борат за „Фени“, или ќе се откажат.

Работниците на комбинатот, пак, и натаму стравуваат за својата иднина. Од Синдикатот не се многу оптимисти дека стечајот ќе им донесе нешто добро.

„Сега веќеќе ги држиме за збор сите кои многу оптимистички најавуваат дека стечајната постапка ќе трае кратко и дека платите ќе се исплатат“, рече Маре Анчева, генерален секретар на СИЕР.

Банките кредитори рекоа дека има сериозен заинтересиран инвестотор кој најавил дека штом биде отворен стечајот, веднаш ќе депонира 3 милиони евра за да се подмират неодложните трошоци во кои се вклучени и платите на вработените. А, тие, пак, дадода рок до петок да ги добијат платите, во спротивно, најавија блокади и протести.

 

Содржината е прочитана 216 пати.