Бизнис вести

Да се либерализира трговијата со земјоделско прехранбени производи меѓу Македонија и Турција

Фондацијата за економски истражувања од Истанбул со поддршка на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) одржа симпозиум на тема „Нови хоризонти во економската соработка меѓу Македонија и Турција“

среда, 29 ноември 2017

Македонија и Турција треба целосно да ја либерализираат трговијата со земјоделско прехранбени производи и што поскоро да отворат дијалог на институционално ниво за поголема економска соработка преку инвестиции од двете страни и заеднички настап на трети пазари. Македонските компании мора да станат што повидливи за турските, а потенцијалните партнери од Турција, пак, да добијат информации кои би биле одлучувачки за носење деловни одлуки за соработка со Македонија.

Ова беше речено на симпозиумот„Нови хоризонти во економската соработка меѓу Македонија и Турција“ што го организираше Фондацијата за економски истражувања од Истанбул со поддршка на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО). На симпозиумот учествуваа околу 30 компании од Турција кои имаа можност за директни средби со претставници од македонскиот бизнис сектор.

Модернизација на домашната економија со учество на турскиот ноу-хау, пред се во индустриското и земјоделското производство, градежништвото и туризмот, користење на македонските ресурси за аутсорсинг услуги и вклучување во глобални синџири на додадена вредност преку релокација на турските извозници во Македонија, се само некои од можностите за унапредување на соработката.

„За да се зголеми економската поврзаност меѓу Македонија и Турција двете влади треба да утврдат стратегија за натамошна соработка и да ги дефинираат приоритетите. Тие најмногу може да придонесат во заедничко користење на ЕУ- фондовите, пренесување на турското искуство за јавно приватно партнерство и во олеснување на постапките за водење бизниси, вклучувајќи времен престој и работа“, рече претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски.

Министерот без ресор, Аднан Ќахил потенцираше дека македонската економија е отворена за соработка и се очекува што поголем број странски инвеститори.

„Гледањето на Македонија како мал пазар е минато. Македонија треба да се гледа во рамки на ЕУ и како можност за соработка со трети земји“, нагласи Ќахил.

Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија смета дека растот од 4,1 отсто во трговската размена меѓу Македонија и Турција е многу скромен ако се има во предвид близината и добрата соработка меѓу двете држави. Но, според него, загрижува дизбалансот од македонска страна.
 

Содржината е прочитана 152 пати.