Бизнис вести

ЕУ ќе издвои 7,7 милиони евра за комплетна документација за пругата од Кичево до Ќафасан

Пругата со вкупна должина од 63 километри ќе минува низ три општини: Кичево, Дебрца и Струга

среда, 29 ноември 2017

Европската унија со 7,7 милиони евра ќе ја финансира изработката на комплетната планска и тендерска документација за изградба на железничка пруга од Кичево до границата со Албанија. Пругата, која е дел од Коридорот 8 и ќе биде со вкупна должина од 63 километри ќе минува низ три општини од Југозападниот плански регион: Кичево, Дебрца и Струга и ќе се поврзе со Албанија кај Ќафасан.

Проектот ќе го реализира конзорциумот предводен од ТИПСА од Шпанија во соработка со Министерството за транспорт и врски и ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“. Изготвена е и студијата за оцена на влијанието на пругата врз животната средина.

По реализација на проектот, југозападниот регион на земјата ќе биде поврзан со Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа – СЕЕТО, која ќе го зголеми социо-економскиот развој во регионот.

Идејата на изградба на оваа пруга прв пат беше најавена во 2010 година кога пругата го доби и името „Еуробалкан“. Тогаш беше речено дека ќе поминува низ селата Брежани, Сливово, Издеглавје и Мешеишта и ќе продолжува кон Струга од каде е предвидено да се поврзе со албанскиот град Лин. Замислата беше пругата да го поврзе Охридско-струшкиот регион со пристаништата на исток и на запад.

 


 

Содржината е прочитана 134 пати.