Бизнис вести

Бугарски „Енекод“ не може да ги исплати платите на вработените во „Фени“

Банките доверители добиле известување од бугарската компанија дека не е во можност да го исполни условот што ѝ беше поставен

среда, 29 ноември 2017

Бугарски „Енекод “ утрово писмено ги известил банките доверители дека не е во можност да исплати плати на вработените во „Фени Индустри“. Доцна синоќа банките ѝ поставија предуслов на бугарската компанија и ѝ дадоа рок да исплати плати пред почетокот на рочиштето за стечај кое е закажано за денеска во 12 часот. Но, доверителите на кавадаречкиот комбинат денеска преку соопштение информираа дека добиле маил од „Енекод“ во кој од компанијата известуваат дека нема да бидат во можност да го исполнат тоа.

„Банките доверители ја информираат јавноста и вработените во ‘Фени’ дека утрово добија е-пошта од господинот Рајчо Кацаров од ‘Енекод’ со која, покрај писмено доставување на понудата за преземање на ‘Фени’, известуваат дека во врска со поставениот предуслов од страна на банките доверители, нема да бидат во можност да ги исплатат платите на вработените“, известија банките.

Бугарската компанија синоќа усно дала нова понуда за преземање на фабриката, но банките инсистирале понудата да ја достават во писмена форма до почетокот на рочиштето за отворање стечај и да ја исплатат платата на вработените. Банките доверители претходно соопштија дека нивни релевантен соговорник може да биде само онаа компанија која ќе ги исплати двете заостанати плати за вработените и дел од доспеаните обврски кон банките.

Банките доверители и натаму остауваат на ставот дека отворање стечај за комбинатот е најдобро решение, бидејќи ќе значи негово реструктуирање и рестартирање со нов инвеститор. Тие најавија дека веќе имаат понуда од заинтересиран инвеститор кој е подготвен веднаш по отворање на стечајната постапка да депонира 3 милиони евра во банка во Македонија, со цел подмирување на обврските, вклучувајќи ги и платите на вработените.
 

Содржината е прочитана 178 пати.