Здравје/ Убавина

Ако сакате да се заштитите од рак, да имате добар вид и јак имунитет, јадете јапонско јаболко

Ова егзотично овошје е исклучително корисно за организмот, оти содржи мала количина калории, многу јаглени хидрати, а нема масти. Спречува појава на малигни заболувања, помага при проблеми со варење, воспаление на цревата, хемороиди, за болести на црниот дроб и на жолчката, како и за нервниот систем, го регулира притисокот...

среда, 29 ноември 2017

Јапонското јаболко, веќе може да се рече дека е плод од нашето поднебје. Денеска речиси да нема двор од индивидуална куќа во кој нема вакво дрво, кое со својата широко разгранета крошна натежната од портокалово-црвеникави плодови пружа навистина преубава слика во овие есенски денови.

Јапонско јаболко, или каки, или Persimmon потекнува од Азија. Во Европа е дојдено во 15 век, а денес се одгледува во потоплите предели речиси во целиот свет. Станува збор за листопадно дрво кое може да достигне висина и до 8 метри. Неговите плодови се со мазна кора со жолта, портокалова или со црвенкаста боја и имаат карактеристичен сладок вкус. Постојат неколку подвидови јапонско јаболко кои се разликуваат по облик, вкус, големина на плодот, но и по нутритивните особини. Плодовите се берат касно наесен.

Дали поради тоа што не е ендемски вид растение кое потекнува од Македонија, или поради неговиот карактеристичен вкус, јапонското јаболко не е најобожаван плод. А, е исклучително корисно за човечкиот организам. Претставува овошје кое содржи мала количина калории, но многу јаглени хидрати. Поточно, во 100 грама од ова овошје се наоѓа околу 70 калории, а притоа воопшто нема масти. Затоа, пак, има многу јаглени хидрати, а освен тоа, неговото месо изобилува со лесно сварливи влакна кои одлично го активираат варењето. Во 100 грама плод се наоѓа околу 3,6 грама различни растворливи и нерастворливи влакна. Од минералите содржи калиум, калциум, магнезиум и фосфор, изобилува со витамини Ц, Б, А и Е и со разни аминокиселини. Токму поради ваквото богатство од минерали и витамини, јапонското јаболко има лековити својства, па делува не само превентивно, туку се користи и во борбата против речиси сите видови болести.

Пред се, спречува појава на рак и на малигни заболувања. Ова овошје е одличен извор на силни антиоксиданси кои имаат антиканцерогено дејство и успешно се бори против слободните радикали кои се главни причинители за појава на малигни заболувања. Доколку секој ден се конзумира по едно јапонско јаболко, ќе се подобри општото здравје, ќе се елиминираат штетните материи од телото и ќе се намали ризикот од појава на рак.

Свежиот плод и сок од ова овошје се исклучително лековити кај проблемите со варење, како што се опстипација, воспаление на цревата, хемороиди и разни болести на желудникот. Влакната кои се наоѓаат во јапонското јаболко помагаат дигестивниот тракт да ја свари храната ефикасно, полесно да ја спроведе низ цревата и да дојде до полесно празнење. Со тоа, благо го зголемува лачењето желудочна киселина и ги ублажува симптомите на тврда столица и дијареа.

Каки јаболкото се користи за болести на црниот дроб и на жолчката, како и за нервниот систем, бидејќи има смирувачко дејство. Го јакне имунитетот подобро од таблети, зашто изобилува со витамин Ц и на телото му обезбедува дури 80 проценти од дневни потреби од него. А, со тоа го стимулира производството на белите крвни зрнца кои се најважни во борбата против разни микробиолошки, вирусни и габични инфекции.

Доколку сте слабокрвни, задолжително јадете јапонско јабоко, бидејќи го стимулира создавањето нови и ја подобрува концентрацијата на црвени крвни зрнца и го зголемува нивото на хемоглобин во крвта. Каки јаболките содржат калиум во значителни количини, па поради тоа ова овошје штити од кардиоваскуларни болести и од зголемен холестерол, односно, го регулира крвниот притисок и го зголемува протокот на крв низ целото тело.

Исушениот зрел плод помага за болести на бронхиите и при сува кашлица, доколку се зема сомелен во прашак. Излупен плод оставен на сонце и преку ноќ ќе добие бела боја од надвор и ќе поприми нови лековити својства. Така може да послужи во борбата против разни паразити во цревата, штити од инфекции и воспаленија, се користи за лекување на кашлица и на висока температура, па дури и како средство за запирање на крварењето. Присуството на витамин А, на бета каротен, ликопен и лутеин во ова овошје го јакне имунитетот, но врши и детоксикација на организмот. Поради тоа јапонското јабоко го спречува забрзаното стареење на кожата, а дури има сознанија и дека го елиминира ризикот од добивање Алцхајмерова болест.

Јапонското јаболко претставува вистински приорден лек кога се работи за очите. Докажано е дека комплексот од витамини Б со витамин А позитивно влијае на подобрување на видот, па се советува ова овошје да биде дел од секојдневната исхрана за да се спречат разни дегенеративни промени, катаракта и ноќно слепило.
Каки овошјето е одличен избор и за оние кои сакаат да ослабат. Бидејќи не содржи масти, а изобилува со влакна, овој плод го забрзува метаболизмот и со тоа одлично се бори против вишокот килограми.

Јапонското јаболко може да се конзумира како свежо, варено или сушено. Цвета Динева, сертифициран нутриционист вели дека најважно е што јапонското јаболко е органско, односно природно непрскано овошје полно со фитонутритиенти и затоа е најдобро да се јаде свежо, а може и во кобинација со друго овошје. Најпрво мора да се причека да узрее добро, а потоа да се јаде.

„Нормално, како и секое овошје најдобро е да се јаде свежо. Но, преубаво е и сушено. Треба само да се исече на кругчиња и да се исуши во сушара, или во рерна и така се добива преубав и превкусен чипс. Јас го препорачувам да се јаде така исушено, особено за оние луѓе кои не можат да го конзумираат свежо“, вели Динева.

Кога се зборува за конзумација на ова овошје, се препорачува да не се зема на празен стомак, туку после оброк, за да не дојде до појава на дијареа.

Јапонското јаболко се користи и во кулинарството. Од неговиот плод се пече ракија со карактеристична арома, додека засушената кора може да послужи како засладувач на некои јадења или пијалоци. Најчесто се користи како состојка за разни колачи, креми и десерти. Свежите овошки може да бидат и додаток на овошни салати, или пудинзи, а доколку се сварат во вода со цимет и малку лимонов сок, од нив се прави и вкусен компот.

Јапонското јаболко наоѓа примена дури и во козметиката. Од внатрешното ткиво на плодот се подготвува маска за лице која ја чисти и ја освежува кожата.


СЛАТКИ РЕЦЕПТИ СО ЈАПОНСКИ ЈАБОЛКА


Мармалад од јапонски јаболка
Потребни состојки: 1кг јапонски јаболка, 500гр шеќер, 1 лимон
Приготвување
: Јаболката се лупат, им се вадат семките (доколку ги има) се блендираат и се ставаат во тенџере со исцеден сок од лимон и со шеќерот. Се вари додека мармаладот не ја добие потребната густина. Кога ќе биде готов, се распоредува во тегли и се остава да се олади. Се затвора добро. Теглите се чуваат на ладно и темно место.


Мафини со јапонско јаболко
Потребни состојки: 3 јајца, 60гр кафеав шеќер, 50гр масло, 150мл млеко, 250гр брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванила, 50мл сок од портокал, 1 лажица рендана кора од портокал, малку сол, 1 лажица какао, 1 јапонско јаболко (исечкано на ситни коцки)
Приготвување: Јајцата и шеќерот се матат, а потоа се додаваат сите останати состојки. Смесата се меша и се распоредува во претходно поставени хартиени корпи за мафини. Се печат на 180 степени околу 15 минути.


Колач од јапонски јаболка
Потребни состојки – За тесто: 5 жолчки, 150 гр шеќер во прав, 400 гр меко брашно, 270 гр маргарин, малку сол, рендана кора од лимон. - За премачкување: 20 лажици мармалад од јапонско јаболко, 3-4 лажици рум. - За фил: 500 гр посно свежо кравјо сирење, 500 мл павлака за шлаг, 4-5 лажици шеќер во прав, ванилин шеќер, снег од 5 белки, крупно сечкани лешници
Приготвување: Тестото се замесува од наведените состојки. Од него се одвојува една четвртина и се става во замрзнувач, а остатокот во фрижидер. Се подготвува мармалад од 1 килограм каки. Се вади тестото од фрижидер и се развива, па се става во тавче. Се пече на 180-200 степени околу 15 минути. Сирењето се меша со миксер заедно со 4-5лажици шеќер во прав и со ванилин шеќер. Се додава 500 мл павлака за шлаг и се миксира додека не се добие мазна смеса. Потоа во смесата полека се вмешува снег од 5 белки. Колачот се вади од рерна по првите 15 минути и се премачкува со 20-ина лажици мармалад измешан со рум. Врз него се сипува филот со сирење. Тестото од замрзнувач се ренда како како тарана врз колачот, се посипува со сечкани лешници и уште малку се прошарува со мармалад. Се враќа во рерна и се пече уште околу 30-40 минути на 180-200 степени.


Леб од јапонски јаболка
Потребни состојки: 2 јајца, 250 гр изблендирани многу зрели јапонски јаболка, 100 гр урми, 200 гр зобно брашно, 50 гр ораси, 4 лажици маслиново масло, половина лажичка печиво, 1 лажичка цимет, половина лажичка морско оревче
Приготвување: Рерната се загрева на 200 степени. Урмите се ставаат накратко да се поварат во топла вода, па се лупат и се сечат на што поситни парчиња. Во поголем сад се мешаат маслото, јајцата и изблендираното месо од каки. Во друг сад се мешаат брашното, печивото, зачините и урмите. Се мешаат двете смеси додека не се добие глатка смеса. Се истресува во калап за печење леб и се пече додека не добие златно-смеѓа боја и не биде печен одвнатре (се проверува така што се забодува чепкалка во тестото, па ако е сува, лебот е готов)
 

Содржината е прочитана 378 пати.