Бизнис вести

Барања за финансиска поддршка за произведени и продадени овошје и зеленчук се поднесуваат до 25 декември

Финансиската поддршка се движи од 1,5 денари до шест денари по килограм, во зависност од производот

вторник, 28 ноември 2017

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој информира дека до 25 декември се поднесуваат и барања за финансиска поддршка за произведени и продадени градинарски и овошни култури во преработувачките капацитети. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во прилог на барањето се доставува и потврда за откупени количини.

За поддршка за градинарски култури може да аплицираат земјоделски стопанства кои од 1 март до 25 декември произвеле и продале градинарски култури во регистриран преработувачки капацитет за зеленчук. Висината на поддршката изнесува 1,5 денар по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперки и корнишони, за кои поддршката изнесува три денари по килограм.

Финансиска поддршка за овошни култури може да бараат земјоделски стопанства кои од 26 декември лани до 25 декември годинава произвеле и продале овошје во регистриран преработувачки капацитет за овошје. Висината на поддршката изнесува два денари по килограм.

Финансиската поддршка за произведени и продадени праски во преработувачки капацитети во период од 12 до 30 јуни изнесува шест денари по килограм, додека за произведени лубеници и продадени на регистрирани откупувачи во период од 3 до 15 јули, висината на поддршката изнесува два денари по килограм.

Обрасците на потврдите може да се превземат од веб страницата www.ipardpa.gov.mk, во полето „Директни плаќања 2017“, „Обрасци“.

 

Содржината е прочитана 161 пати.