Бизнис вести

Ќе се реконструираат 12 регионални патишта

За реализација на проектот се обезбедени 14 милиони евра преку кредит од Светска банка

вторник, 28 ноември 2017

Започна реализацијата на проектот за реконструкција на 12 регионални патишта со вкупна должина од 166 километри. За оваа намена се обезбедени 14 милиони евра преку кредит од Светска банка. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека Јавното претпријатие за државни патишта веќе потпишало договор со проектантска компанија за изработка на концептуални проекти кои би требало да бидат готови за четири месеци.

Реконструкцијата на регионалните патишта е дел од владината Програма за санација на патната инфраструктура во државата. Програмата предвидува обновување на регионалниот пат Младо Нагоричане - граница Пелинце, во должина од 19 километри, на државните патишта Делчево - Звегор во должина од 5 километри и Струмица - Ново Село – граница со Бугарија, во должина од 20 километри.

Проектот ги иопфаќа и регионалните патишта Јурумлери - Драчево, во должина од 5 километри, Кавадарци - Росоман, во должина од 11 километри, 24 километри долгата делница Дедели - Фурка - Богданци – Гевгелија, потоа 25 километри долгиот пат Куманово - Свети Николе, делницата Тетово - Попова Шапка, во должина од 15 километри, исто толку долгиот пат Делчево - Пехчево, како и регионалните правци Берово - Виница, во должина од 7 километри, Битола - Демир Хисар, во должина од 10 километри и Драчево - Орешани - Таор, во должина од 10 километри.
 

Содржината е прочитана 131 пати.