Бизнис вести

Кина да продолжи со промоција на трговските олеснувања за македонските производи

Премиерот Заев кој учествуваше на пленарната сесија на Самитот на шефови на Влади на Кина и на 16 земји од Централна и Источна Европа информираше дека Македонија ќе биде домаќин на неколку важни настани поврзани со соработката со Кина

понеделник, 27 ноември 2017

„Би сакале да бидеме вклучени во повеќе настани за промоција на нашата трговија во рамки на процесот за соработка 16+1. Апелирам кон кинеските институции да продолжат уште повеќе да го промовираат принципот на трговски олеснувања, што треба да резултира со олеснет пристап на нашите производи до кинеските пазари и учество на саеми и други бизнис активности“, рече премиерот Зоран Заев на пленарната сесија на 6. Самит на шефови на Влади на Кина и на 16 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) што се одржува во Будимпешта.

Притоа тој информираше дека Македонија ќе биде домаќин на неколку важни настани поврзани со процесот на соработка со Кина, како што е „Кина SEEC Координативен центар за културна соработка“.

„Координативниот центар за култура ќе биде основан во јануари 2018 година во Министерството за култура на Македонија. Би сакал да ве информирам дека нашата земја ќе биде домаќин и на 5. Кинески симпозиум за соработка на земјите од Централна и Источна Европа од висок ранг на тинк-танк организации во 2018 година и на 4. Состанок на министри за културна соработка во 2019“, најави Заев.

Тој истакна дека соработката, меѓу другото, се одвива во области како што се здравството и медицината и за таа цел со одлука на Владата, во согласност со Законот за алтернативна и комплементарна медицина беше основан Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип.

На Самитот 16+1 се одржува економски и трговски форум на тема: „Поврзување на МСП на Кина и земјите од ЦИЕ“ на кој учествува и бизнис делегација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) предводена од претседателката Данела Арсовска. Во фокусот на Економскиот форум се малите и средни претпријатија, примената на високи технологии во ИТ секторот, медицина и здравство, вештачка интелигенција, заштита на животната средина, модерно земјоделско производство.

„Како резултат на одличната соработка на ССК со НР Кина компаниите имаат можност за зајакнување на комуникацијата, меѓусебно поврзување, градење на трговски релации како и промоција на инвестиции. Активно сме вклучени во иницијативите за зголемување на соработката и трговските партнерства со Кина и 16-те земји од ЦИЕ преку мега проектот за економска, политичка и културна соработка“, рече Арсовска.

ССК активно работи на зголемување на бизнис соработката со НР Кина, со посебен акцент на промовирање на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат” за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток. Исто така, ССК е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина, со што за македонските компании се отвори пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.
 

Содржината е прочитана 135 пати.