Бизнис вести

Компаниите да им овозможат на вработените усогласување на работните задачи со семејните обврски

Најважно е да се подигне свеста кај работодавачите да се воведе пофлексибилно работно време

понеделник, 27 ноември 2017

Компаниите во Македонија треба да бидат пријателски наклонети кон семејствата и да се стремат да им овозможат на вработените да ги усогласат работните задачи со семејните обврски. За таа цел потребно е да се подигне свеста кај работодавачите, да се воведе флексибилно работно време и втора смена во градинките.

Претседателот на Бизнис конфередацијата на Македонија, Миле Бошков смета дека вработените се најважниот капитал во компаниите, па ако компаниите се пријателски наклонети кон семејствата, тогаш полесно ќе се задржат квалитетните кадри на работа. Според него, најважно е да се работи на пофлексибилно работно време.

„Не е важно дали ќе можеме да обезбедиме можност за работа четири или осум часа, туку како менаџерите ќе обезбедат флексибилна можност вработените да можат да посветат доволно време за семејството и да ги исполнат работните задачи“, рече Бошков пред завршната конференција од проектот за улогата на социјалните партнери во овозможување усогласеност меѓу работата и семејството.

Бошков додаде дека во Македонија има компании што се многу блиску до остварување на оваа цел, но оти мора да се работи на кревање на свеста во малите и во средните компании.

Министерката за труд и социјална политика, пак, Мила Царовска потенцираше дека државата веќе работи на создавање услови за поголема вклученост на жените на пазарот на труд. Во таа насока, воведена е втора смена во јавните градинки, а ќе се финансира и развојот на домовите за стари лица, бидејќи статистките покажуваат дека жените во Македонија се уште се грижат за своите деца и за постарите лица во семејствата и немаат време да се вклучат на пазарот на труд.

Од Здружението на жени претприемачи велат дека мора да се направат одредени социјални промени како што се работата на градинките, создавање услови за грижа на старите лица и поголема вклученост на мажите во сите активности на жената.

 

Содржината е прочитана 144 пати.