Бизнис вести

Вкупно 424 млади земјоделци ќе добијат неповратни по 10.000 евра

Средствата ќе можат да ги искористат за набавка на земјоделска механизација и за инвестиции во производствени капацитети

понеделник, 27 ноември 2017

Вкупно 424 земјоделци ќе добијат неповратни 10.000 евра што можат да ги искористат за набавка на земјоделска механизација и за инвестиции во производствени капацитети. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој веќе ги известила овие земјоделци дека ги исполниле критериумите при аплицирање на мерките за поддршка на млади земјоделци, дека им се прифатени апликациите и им пратила допис со датум и време на потпишување на документите, а деновиве беа склучени и првите договори. Минатата година, пак, за оваа мерка беа склучени само 124 договори.

„Мерката постоеше и во претходните години, но по критериумот ‘прв дојден прв услужен’, што отвораше сомнеж дека овие пари завршуваа кај вистинските земјоделци. Затоа во годинашната Програма за рурален развој го отстранивме тој критериум и воведовме нов, со единствена цел овие неповратни 10.000 евра да завршат кај оние млади земјоделци кои навистина сакаат да се занимаваат со земјоделство, кои ќе ги искористат парите за сериозна инвестиција и ќе внесат нови технологии “, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Откако ќе ги потпишат договорите, земјоделците треба започнат со реализација на инвестицијата за што имаат рок од шест месеци. Потоа, најдоцна до 1 јуни 2018 година, корисникот треба да поднесе барање за исплата до Платежната агенција, заедно со потребната документација од инвестицијата. Откако барањата за исплата ќе бидат обработени, Платежната агенцијата ќе испрати контрола на лице место за да се констатира фактичката состојба и доколку се совпаѓаат податоците од контролата и договорот, парите ќе бидат исплатени веднаш.
 

Содржината е прочитана 148 пати.