Бизнис вести

ОХРИДСКА БАНКА СОСИЕТЕ ЖЕНЕРАЛ ВОВЕДЕ „3D SECURE“ ТЕХНОЛОГИЈА ЗА БЕЗБЕДНО ИНТЕРНЕТ-ПЛАЌАЊЕ

Охридска банка Сосиете Женерал изврши имплементација на меѓународниот сигурносен стандард „3D SECURE“ за безбедни интернет-плаќања на сите картички од своето портфолио

петок, 24 ноември 2017

Охридска банка Сосиете Женерал изврши имплементација на меѓународниот сигурносен стандард „3D SECURE“ за безбедни интернет-плаќања на сите картички од своето портфолио.

Сите издадени дебитни и кредитни Visa и MasterCard картички до 24.11.2017 година ќе го добијат бесплатно и автоматски највисокиот меѓународен сигурносен стандард за заштита ‒ „ЗD Secure“, додека сите нови издадени картички ќе го имаат вградено.

Оваа услуга претставува дополнителна сигурност во процесот на интернет-купување (електронска трговија), правејќи го интернет-купувањето посигурно на сите локални и меѓународни веб-страници, а плаќањето со картичките на Банката – заштитено.

„3D Secure“ нуди заштита и безбедност при онлајн-купувањето преку користење на еднократна лозинка (OTP – One Time Password) за потврда на идентитетот на купувачот.

Кога се прават плаќања на продажните места на интернет на кои е истакната ознаката Verified by Visa и/или MasterCard Secure Code, клиентите мора да го потврдат интернет-плаќањето со еднократната лозинка што ќе ја добијат како СМС-порака на мобилниот телефон. Предноста на оваа технологија е потврдата на идентитетот на клиентот, со што се избегнува ризикот од кражба и злоупотреба на податоците од картичката.

„Во време на глобализација, зголемување на обемот на интернет-трансакции и на зачестени случаи во светот на различни видови измами и злоупотреби на податоците од картичките, неопходно е да ги заштитиме своите клиенти и да им овозможиме безбедно користење на картичките на Охридска банка Сосиете Женерал при онлајн-плаќањата.

Наша обврска е континуирано да создаваме најдобра услуга, креирајќи банка на иднината. Поседувањето на меѓународните сертификати „Verified by Visa“ и „Mastercard SecureCode“ и воведувањето на технологијата „3D Secure“ во сите картички од нашето портфолио е потврда за нашата посветеност, професионализмот и посебниот однос кон нашите клиенти“, изјави Елена Глигоровска, раководител на Дирекцијата за корисничко искуство, маркетинг и комуникации на Охридска банка Сосиете Женерал.

Сите VISA и MasterCard картички издадени од Охридска банка Сосиете Женерал се автоматски регистрирани за услугата „3D Secure“, така што не е потребна никаква дополнителна регистрација.

Услугата „3D Secure“ е бесплатна за сите клиенти на Банката и е достапна на три јазици: македонски, англиски и албански.

Дополнително на тоа, Охридска банка Сосиете Женерал во своето портфолио на своите клиенти им го овозможува и најсовремениот начин на плаќање во светот – бесконтактниот, со картичките MasterCard Debit. Покрај едноставното користење, со овие картички плаќањето е брзо, лесно и сигурно. Бесконтактните MasterCard Debit картички ги имаат истите функционалности како и стандардните картички, со една дополнителна можност ‒ плаќање само со приближување на картичката на ПОС-терминалот, без внесување ПИН-код. 

Содржината е прочитана 155 пати.