Бизнис вести

Градежништвото е во лер

Македонските градежници се надеваат на подобрување на состојбите со почетокот на 2018 година, со оглед на моменталната политичка состојба, обемот на договорени работи и најавените инвестиции

среда, 22 ноември 2017

Локомотивата којашто неколку години забревтано ја влечеше македонската економија почна да го забавува темпото, па градежништвото моментално е во лер. Градежниот сектор кој беше главниот двигател на економскиот раст, во вториот квартал годинава имаше значителен пад од 17,3 отсто, за разлика до лани кога овој сектор оствари раст од 18,5 проценти.

Годинава се градеше помалку. Во септември оваа година беа издадени за 25 проценти помалку одобренија за градење во споредба со истиот месец лани. Статистиката бележи и пад на вредноста на објектите и тоа за безмалку 30 отсто. Поточно, според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува нешто над 3,5 милијарди денари, што е за 29,7 отсто помалку во однос на септември 2016 година.

Најдобар показател за фактичката состојба на градежништвото во Македонија, всушност, е билансот на работењето на најголемите и најефективни градежни компании во државата. Така, во периодот јануари – септември годинава АД „Бетон“ остварила драстично помала добивка во однос на истиот период лани, само 11,2 милиони денари, што претставува намалување од дури 81 процент од добивката во првите девет месеци минатата година, кога остварила повеќе од 59 милиони денари. Намален е и приходот на компанијата, па до септември годинава „Бетон“ има вкупен приход од 1,33 милијарди денари, што е 19 отсто помалку од лани. За 14 проценти се намалени и расходите на компанијата.

Иако со помал процент, сепак, помала добивка има и нашата најуспешна градежна компанија „Гранит“ АД Скопје, која од јануари до септември оваа година имала добивка во износ од 181 милиони денари, за разлика од лани кога добивката изнесувала 187 милиони денари, односно, за околу 3 отсто повеќе отколку годинава. „Гранит“, годинава имал за околу 9 проценти поголем приход од лани, односно, 3,35 милјарди денари, но за ист процент и зголемување на оперативните расходи.

Голема негатива се чувствува во работењето на „Бетон“ од Штип. Оваа компанија од јануари до септември бележи загуби во висина од 63,6 милиони денари, за разлика од истиот период минатата година кога била регистрирана добивка од околу 23 милиони денари. Приходот годинава е речиси преполовен и изнесува 304 милиони денари што е за 47 отсто помал од ланскиот приход.

Како потврда за лошиот период на македонското градежништво се и негативните бројки за работењето на нашите градежници во странство. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во деветте месеци од оваа година е намалена и договорената и извршената работа на странските градежни пазари. Односно, во периодот јануари – септември 2017 година вкупната вредност на договорени градежни работи во странство изнесува 2.303.553.000 денари, што е за 16,6 отсто помалку во споредба со истиот период претходната година, додека вредноста на извршената работа е помала за 38,8 проценти и изнесува 1.237.687.000 денари.

Особено драстично намалување на договорените и на веќе извршените градежни работи е забележано на моментално најголемиот пазар за нашата оператива, Босна и Херцеговина, иако нешто малку се работи и во Германија, Холандија, Албанија.... Тоа се должи на завршувањето на активностите што ги има оперативата на „Гранит“ во БиХ околу изградбата на двата автопати, бидејќи, едниот проект е комплетно завршен, а вториот е готов над 80 отсто, па активноста е сведена на минимум. Со оглед на тоа што нема никакви најави за евентуални нови активности во странство во наредниот период, не се ни очекува некакво позитивно придвижување на настапите на странските пазари во наредната година.

Негативните резултати, сепак, не ги изненадуваат градежниците. Според нив, причини за тоа има повеќе, но, како главна ја наведуваат кризата во која се наоѓаше државата долг период. Оттаму, тие се подготвени и за наредниот период, бидејќи, како што велат, не очекуваат дека состојбата ќе се промени драстично до крај на годината.

„По согледување на резултатите од работењето на градежните компании за периодот јануари-септември, можеме дефинитивно да констатираме дека почнаа да се чувствуваат последиците од долготрајната политичка криза во нашата земја, за што досега предупредувавме повеќе пати. Посебно негативна импликација се чувствува врз градежниот сектор кој изминативе години беше двигател на економијата и главен причинител на високиот раст на БДП“, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија. 

Долготрајното предавање на власта, според Серафимовски е уште една од причините за моменталната состојба во која с енаоѓаат градежните компании. Големата неизвесност се одрази во голема мера врз работењето на државната администрација, тековните проблеми речиси и да не се решаваа, постоеја административни пречки во донесувањето одлуки и решенија кои на било кој начин имаа финансиска импликација врз проектите, додека, пак, доспеаните долгови се исплаќаа тешко и нередовно. Сите овие наведени причини најмногу придонесоа да дојде до стагнација на работењето и до влошеното работење на компаниите во однос на истиот период минатата година. А, имајќи во предвид дека главен инвеститор беа државните органи, односно, Владата, резултатите не изненадуваат.

Од друга страна, како што потенцира Серафимовски, уште еден битен фактор влијаеше на резултатите периодов, посебно врз вредностите на изведените работи, а тоа е драстично намалениот обем на јавни набавки во градежништвото (не се отпочна со изведба, а со тоа и со реализација на нови проекти).

„Цениме дека до крајот на годинава нема да има промени на состојбите во градежниот сектор, посебно кај големите компании, па трендот на првото деветмесечие ќе биде задржан до крајот на годината. Се надеваме на подобрување на состојбите во градежништвото со почетокот на 2018 година, со оглед на моменталната политичка состојба, обемот на договорени работи и најавените инвестиции во периодот што следува“, вели Серафимовски.
 

Содржината е прочитана 529 пати.