Бизнис вести

Во буџетот за 2018 се предвидени 16 милиони евра за вработување

Ова е најголема сума досега издвоена од буџетот на Република Македонија за решавање на најгорливиот проблем во општеството – невработеноста

вторник, 21 ноември 2017

Речиси милијарда денари, или 16 милиони евра се предвидени со Предлог-буџетот за 2018 година за активни мерки за вработување. Ова е најголема сума досега издвоена од буџетот на Република Македонија за решавање на најгорливиот проблем во општеството – невработеноста, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски на промоцијата на кампањата „ЕУ за тебе“, која се однесува на вработувањето, образованието и социјалната инклузија, на која учествуваше заедно со еврокомесарот, Јоханес Хан и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

„Во Предлог-буџетот за 2018 се предвидува скоро една милијарда денари за активни мерки за вработување, што е значајно повеќе во споредба со просекот од претходните години. Активните мерки за вработување се добар пример за комплементарноста на политките на ЕУ и националните политики на Владата“, рече Тевдовски и додаде дека се планирани и две милијарди денари за поддршка на домаши и на странски компании, што исто така ќе придонесе за отворање нови работни места.

Во рамки на средствата за активни мерки за вработување проектирани се и средства за младинската гаранција, која предвидува одреден период државата директно да финансира пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат во земјава.
 

Содржината е прочитана 165 пати.