Бизнис вести

Владата ќе исплаќа два денари дополнителна субвенција за килограм предадено грозје

Одлучено е на 242 сточари да им биде исплатена отштета за претрпена штета од загуба на животни поради болеста јазлеста кожа

петок, 17 ноември 2017

Владата ќе исплаќа дополнителна субвенција од два денари за килограм предадено грозје од реколтата 2017 во македонски регистрирани винарски визби и остварено производство на грозје за сопствените потреби на визбите. Лозарите заинтересирани за оваа дополнителна субвенција можат да поднесуваат барања до 25 декември.

На последната владина седница беше донесена и одлука за дополнителна субвенција од 18.000 денари за хектар засеана површина со ориз. Платенжната агенција веќе ги обработува пристигнатите барањата за оваа субвенција.

На истата седница беше усвоена и одлука на 242 сточари да им биде исплатена отштета за претрпена штета од загуба на животни поради болеста јазлеста кожа. Ќе се надоместуваат 100 проценти од проценетата вредност на пцовисаните животни. Ќе бидат исплатени над 15 милиони денари, а исплатата ќе почне кон крајот на овој и на почетокот на следниот месец.

Владата обезбеди средства за комплетна исплата на неповратни 10.000 евра за мерката млад земјоделец за земјоделците кои аплицираа и ги исполнија условите. Исто така, се обезбедени и дополнителни 58 милиони денари за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, како и на руралната инфраструктура.

Со цел обезбедување стручни советодавни услуги за земјоделците, Владата ја усвои Програмата за капитални трансфери за невладини организации во областа на земјоделството и руралниот развој со која се обезбедуваат 30 милиони денари за апликативни проекти за поддршка во процесот на земјоделското производство, подобрување на човечките ресурси и пренос на знаењето за подобра искористеност на програмите од областа на земјоделството и руралниот развој.
 

Содржината е прочитана 183 пати.