Бизнис вести

Граѓанскиот буџет за 2018 објаснува колку и каде ќе се трошат парите на граѓаните

Повеќе од половината, или 59,3 проценти од приходите ќе се остваруваат преку даноци, а најмногу пари од државната каса до година ќе се потрошат за исплата на пензии, за здравстевна заштита и за субвенции

петок, 17 ноември 2017

Министерството за финансии го објави Граѓанскиот буџет за 2018 година на својата интернет страница, каде на поедноставен начин се претставени клучните информации од предлогот за тоа како ќе изгледа државната каса во 2018 година. Во Граѓанскиот буџет со текст и со графикони се објаснува колку, каде и за што ќе се трошат парите на граѓаните наредната година.

Буџетот за 2018 година предвидува вкупни приходи во износ од 193,5 милијарди денари, а расходи во висина од 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари, што претставува 2,7 отсто од БДП се планира да се покрива преку задолжувања.

Повеќе од половината, или 59,3 проценти од приходите ќе се остваруваат преку даноци и тоа 114,8 милијарди денари, потоа следуваат социјалните придонеси со 55,4 милијарди денари, неданочните приходи во износ од 17,2 и капиталните приходи, странски донации и друго во висина од 6,1 милијарди денари.

Во рамки на даночните приходи, најголемо учество има данокот на додадена вредност – 44 проценти, потоа доаѓаат акцизите со 23 отсто, па персоналениот данок на доход со учество од 15 проценти, данокот на добивка со 12, царините со пет и останатите даночни приходи со еден отсто.

Во делот социјални придонеси, се планира 37,3 милијарди денари да се соберат од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, 15,8 милијарди денари од придонесот за здравство и 2,3 милијарди денари од придонес за вработување.

Најголем дел од парите во буџетот наредната година се наменети за социјална заштита, за економски развој, здравство и образование. Поточно, во сферата на пензии, социјална и детска заштита предвидени се расходи во висина од 75,3 милијарди денари. За економски развој и финансиски работи 43,5 милијарди денари, од кои 22,6 милиони се за сервисирање на долгот на државата, како надворешен, така и внатрешен. Во здравството ќе има расходи во висина од 32,6 милијарди денари, во образованието, науката и спортот 26, во градежништвото, траснпортот и екологијата 11,4, а во земјоделството 10,7 милијарди денари.

Најмногу пари од буџетот наредната година ќе се потрошат за исплата на пензии, цели 54 милијарди денари, за плати и придонеси на плати предвидено е да се одвојат 27,1, а за здравствена заштита 28,2 милијарди денари. За субвенции и трансфери се планирани 17,2 милијарди денари.

Од капиталните расходи, кои ги претставуваат инвестициите во патна и комунална инфраструктура, во болници, училишта и слично, најмногу средства, односно 5,8 милијарди денари се предвидени за изградба на водоводи, канализации, пречистителни станици, гасовод. За патна и железничка инфраструктура се наменети 3,5, а за земјоделството и руралниот развој 2,6 милијарди денари. Во образованието, детската заштита и спортот ќе бидат инвестирани 2,4, во здравството 1,9, а во одбраната, заштитата и спасувањето, безбедноста и јавниот мир 1,8 милијарди денари. Во културата ќе се инвестираат 1,7 милијарди денари

Како едни од позначајните проекти што се предвидуваат со предлог буџетот за наредната година се инвестициите во здравството кои подразбираат набавка на медицинска опрема и реконструкција на јавни здравствеи установи и клинички центи. Тука спаѓа и зголемувањето на платите за пет проценти, исто колку што ќе бидат зголемени и платите во образованието и во градинките. Во план е за околу еден процент да се зголеми вкупниот буџет на Министерството за одбрана, а средствата ќе се искористат за приближување кон НАТО стандардите за зголемување на платите во Армијата за 10 проценти. За субвениции во земјоделството и руралниот развој се предвидени 8,4 милијарди денари, а 9,3 милијарди се за капитални инвестиции во патната железничката, енергетската инфраструктура и за гасификација. Како државна помош за исплата на минимална плата во година државата ќе издвои 461 милион денари, а 988 милиони денари за активните мерки за вработување, додека две милијарди денари за поддршка на домашни и странски компании.
 

Содржината е прочитана 167 пати.