Бизнис вести

Светска банка: економскиот раст на Западен Балкан годинава ќе биде 2,6 отсто

Растот е намален во Македонија и во Србија, додека Албанија, Косово и Црна Гора бележат значаен раст, благодарение на големите проекти финансирани од директни странски инвестиции

четврток, 16 ноември 2017

Економскиот раст на Западен Балкан оваа година ќе изнесува 2,6 отсто, следната година 3,3, а во 2019 година 3,6 проценти, се наведува во годишниот извештај на Светска банка. За разлика од Албанија, Косово и Црна Гора каде е забележан значаен раст, благодарение на големите проекти финансирани од директни странски инвестиции, но и поголемиот извоз кога станува збор за Косово, во Македонија и во Србија растот се намалува. Во Босна и Херцеговина, пак, стапката на раст е на ниво од последните две години.

Како главен виновник за забавениот економски раст на државава, Светска банка ги посочува политичките превирања кои значително влијаеле врз потрошувачката и инвестициите. Сепак, кризата е веќе завршена, па се очекува економијата повторно да се забрза.

Според СБ, Македонија годинава ќе забележи економски раст од 1,5 отсто, што е најниско ниво во последниве години. Веќе следната година се очекува растот да достигне 3,2 отсто, а во 2019 година 3,9 проценти. Во извештајот се вели дека главен двигател ќе биде приватната потрошувачка, како резултат на сé поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестициите поврзани со изградбата на двата автопати.
 

Содржината е прочитана 151 пати.