Бизнис вести

Расте бројот на превезени патници од македонските аеродроми

Во периодот од јануари до октомври годинава од двата аеродроми се превезле вкупно 1.731.098 патници, што е за 12,8 проценти повеќе од истиот период лани

четврток, 16 ноември 2017

Се зголемува бројот на превезени патници од македонските аеродроми. Податоците од Министерството за транспорт и врски покажуваат дека во периодот од јануари до октомври годинава се превезле вкупно 1.731.098 патници од аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св.Апостол Павле“ во Охрид, што е за 12,8 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, кога низ двата македонски аеродрома поминале 1.534.591 патници.

Само во октомври 2017 година е забележан раст од 21,4 проценти. Односно, од двата аеродроми се превезле вкупно 184. 393 патници за разлика од истиот месец лани кога биле регистрирани 151.877 патници.

Годинава низ скопскиот аеродром поминале вкупно 1.582.989 патници, односно, за 12,8 отсто повеќе од лани, додека охридскиот аеродром бележи пораст од 13,3 проценти, со регистрирани 148.109 патници.

И натаму најзастапена дестинација е Истанбул со 12,4 отсто, а потоа следуваат Цирих со 8,7 проценти, Виена со 6,7, Базел со 5,2 и Малме со 4,6 отсто.
 

Содржината е прочитана 161 пати.