Бизнис вести

Владата го усвои предлогот за зголемување на акцизата на дизелот

Од почетокот на наредната година акцизата за дизел горивата ќе се зголеми за три денари, со што дизелот ќе поскапи за 3,5 денари од литар

четврток, 16 ноември 2017

Владата и официјално го усвои предлогот за зголемување на акцизата на дизелот. Од владината прес служба соопштија дека е усвоен предлог законот за изменување и дополнување на Законот за акцизи, со кој се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење за 3 денари.

Зголемувањето на акцизата на нафтата, Владата го објаснува како мерка која ќе придонесе за зголемување на буџетските приходи, но и заради усогласување со европските стандарди и регулативи за заштита на животната средина, поточно, за намалување на загадувањето.

Со зголемување на акцизата за дизел горивото за три денари се очекува вкупен раст на буџетските приливи за 1,95 милијарди денари. Од самата акциза приходите треба да се зголемат за 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то кое ќе порасне како резултат на основицата на која се пресметува приходот, за дополнителни 350 милиони денари.

Како што беше речено од Министерството за финансии, од почетокот на наредната година акцизата за дизел горивата ќе се зголеми за 24 отсто, со што дизелот ќе поскапи за 3,5 денари од литар.
 

Содржината е прочитана 150 пати.