Интервјуа

Интервју со госпоѓа Жаклина Гештаковска-Алексовска, експерт за родови прашања во рамките на програмата IME

Органското земјоделство е иднина на земјоделието. Во Македонија постојано се зголемува интересот за купување органски производи, а со тоа и бројот на земјоделците што произведуваат сертифицирани органски производи. Програмата IME работи на неколку полиња: збогатување на понудата на свежи органски производи преку зајакнување на целиот синџир од фарма до потрошувач; создавање можности за извоз на органски производи; обука и достапност на советодавни услуги за земјоделците и поширока информираност на јавноста за придобивките од органското производство

четврток, 16 ноември 2017

МАРИЛИ: Што претставува програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME) и која е целта на овој проект?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Зголемување на пазарната вработливост (IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact и од локалниот партнер PREDA Plus. Програмата IME работи на зајакнување на бизнис-секторот во Македонија, на подобрување на квалитетот на производите и на услугите што се нудат, на проширување на пазарите и создавање поволна средина во трите избрани сектори: туризам и угостителство, креативни индустрии и зелена (еколошка) економија. Првата фаза на програмата се имплементира во периодот од 1 април 2015 година до 1 април 2019 година. Програмата за зголемување на пазарната вработливост ги препознава родовата еднаквост и економското јакнење на младите и на жените како клучен фактор во забрзувањето и во постигнувањето одржлив економски раст.

МАРИЛИ:Како се случи Македонија да стане дел од програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Амбасадата на Швајцарија го поддржува развојот на Македонија веќе 25 години, а ќе продолжи да ја поддржува и во процесот на реформите, во исполнувањето на европските стандарди, во градењето социјално инклузивна демократија и пазарна економија. Во рамките на таа поддршка се имплементира и програмата IME што е дел од швајцарската рамка за економска поддршка на Македонија.

МАРИЛИ: Какви активности се спроведуваат, односно кон што е насочена програмата?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Пристапот на програмата IME е во олеснувањето на промените - во рамките на секторите - со што ќе се поттикне индустријата да забележи поголем економски раст и креирање на работни места. Програмата е насочена кон поттикнување на системски промени во таргетираните пазарни системи, преку идентификување на клучните причини за недоволен раст и развој на приватниот сектор и на појавата на тесни грла што го попречуваат создавањето на работни места. Цел е да се постигнат промени во дејствувањето на засегнатите страни, како дел од синџирот на актери во секторот. Овие промени треба да доведат до постигнување на подобри финансиски резултати што ќе значат зголемен финансиски раст и развој и креирање на одржливи работни места во овие пазарни сегменти. Со програмата IME се спроведуваат активности со кои се овозможува пристап до знаењата, вештините, технологиите на производителите, подобрување на квалитетот на понудата и стимулирање на побарувачката за локални производи и услуги. Активностите во секој сектор се приспособени на неговите специфики.

МАРИЛИ: Какви резултати, односно што донесе досегашната реализација на програмата?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Во досегашното работење се креирани работни места за 1.150 лица, од кои 35% се жени и 32% се млади. Преку соработката со повеќе од 400 компании и земјоделци остварено е зголемување на вкупниот приход од над 3 милиони швајцарски франци. Програмата придонесе и за отворање на 52 компании (вклучително и старт-ап), а во 14 од нив сопственици на жени. Сето ова е резултат на заедничките активности со партнерските компании и организации што го поддржуваат развојот на бизнисот во трите сектори.

МАРИЛИ: На кои сектори, поточно на кои дејности е ставен фокусот и како им се помага?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Ние работиме во секторите: зелена економија, туризам и угостителство и креативни индустрии. Фокус на програмата IME е органското земјоделство во секторот зелена економија и енергетската ефикасност во градежниот сектор. Изминатиот период работевме на тоа производителите на органски производи да имаат полесен и поприфатлив пристап до средства и да понудат разновидна и постојана испорака на органското производство, додека давателите на услуги за одржливост во градежниот сектор да обезбедат интегрирани, одржливи и ефикасни решенија за заштеда на енергија. Во секторот туризам и угостителство работиме на три туристички дестинации - Охрид, Маврово и Крушево. Преку методологијата за соработка при управувањето со дестинациите на Универзитетот „Ст. Гален“ работиме на искористување на целокупниот потенцијал на историското, природното и на културното наследство со подобрување на понудените услуги и со збогатување на туристичката понуда. Цел е да привлечеме повеќе туристи, а, за возврат, тоа ќе доведе до економски раст и до вработувања.
Секторот за креативни индустрии ги опфаќа потсекторите за софтверски и информатички услуги и дизајн на производи, а со своите активности ќе заврши до крајот на 2017 година.

МАРИЛИ: Органското земјоделство станува сè поактуелно во нашата земја. Каков беше интересот за посетување на обуките за органско производство и како оваа програма им помага на производителите на органска храна?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Органското земјоделство е иднина на земјоделието. Во Македонија постојано се зголемува интересот за купување органски производи, а со тоа и бројот на земјоделците што произведуваат сертифицирани органски производи. Програмата IME работи на неколку полиња: збогатување на понудата на свежи органски производи преку зајакнување на целиот синџир од фарма до потрошувач; создавање можности за извоз на органски производи; обука и достапност на советодавни услуги за земјоделците и поширока информираност на јавноста за придобивките од органското производство. Обуки за органско производство има во секоја од тие области и интересот за нив е сè поголем. Имавме обука за советници за органско производство, обука за користење на заштитни средства, обука за активности по берба, како и обука за претставување на меѓународни саеми, но обуките се само дел од поддршката што му ја дава програмата на секторот. За бизнисите најважно е зголемувањето на нивните можности за продажба, како на домашниот, така и на странските пазари. Во таа насока работиме на системска и на долгорочна поддршка што ќе обезбеди поголем асортиман и повеќе количини од сертифицираните органски производи да им бидат достапни на купувачите, а производителите да се поврзат со мрежата на продажни места и со заинтересирани компании од странство. Најбитен аспект во овој потсектор е пристапот до пазар и за таа цел соработуваме со компаниите за да ги поврземе со странските пазари, како што се Германија и Швајцарија, а наедно работиме и на поддршка на локалниот пазар преку развој на систем на дистрибуција и продажни места за органски производи.

МАРИЛИ: Каква е застапеноста на жената во обуките за органско производство, дали жените се тие што повеќе се занимаваат со ваков вид производство?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Застапеноста на жените во органското производство е нешто кон што се стреми програмата IME и ги поддржува жените што произведуваат и кои се вклучени во продажбата на органски производи. Општо во земјоделието, земјоделските стопанства се семејни бизниси, но во статистиката жените не се видливи толку колку што е нивниот реален удел, т.е. присутни се како неплатена семејна работа. Од 120.303 вработени во секторот земјоделие 37,2 % се жени, а 62,8% мажи, приближно 50.000 се неплатени семејни работници од кои најголем број се мажи. Во Македонија, органски производители и оние што се занимаваат со пласирање на органски производи има одвај 530, а од нив мал број се жени, но, сепак, се чини дека се поактивни и попрепознатливи во секторот. 

Дали е така поради нивната мотивација здравата исхрана да ја приближат до колку што е можно повеќе луѓе или поради силната верба дека произведувањето и консумирањето органска храна е единствен начин да имаме контрола врз она што го внесуваме како храна во ова современо живеење, не знам, но секојдневно среќавам сè повеќе жени што одлучуваат да преземат нешто добро за себе и за своето семејство.

МАРИЛИ: Каков е Вашиот впечаток за тоа колку жените во Македонија се заинтересирани да бидат самостојни производители и дали жените претприемачи доволно ги користат можностите за зголемување на продуктивноста и на конкурентноста што ги нудат ваквите програми?
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Интересно е што неколку од најуспешните компании и кооперативи во секторот за органско производство се основани и водени од жени, како што се „Наша добра земја“, „БеОрг“, кооперативата „Еко-Илинден“ од Мустафино, „Биокулт“, серификациското тело „Балкан Биоцерт“ и други. Во рамките на нашата програма соработуваме со Мрежата на жени фармери при Федерацијата на фармери на Република Македонија и споделуваме информации и можности за вклучување во секторот. Верувам дека интересот ќе биде уште поголем во следниот период, а за тоа може да придонесеме сите ние со купување на сертифицирана органска храна. Исто така, промовирањето на органската храна и на жените што се успешни во овој сектор преку медиумите, како што е Вашиот, особено е значајно и може да влијае жените уште повеќе да се вклучат во оваа област.

МАРИЛИ: Колку компании досега добија поддршка од оваа програма и со кои дејности се занимаваат тие фирми? Набројте некои од нив.
ГЕШТАКОВСКА-АЛЕКСОВСКА:
Во делот на органското земјоделие партнери на програмата IME се повеќе компании, земјоделци, кооперативи, како и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Наша цел е да воспоставиме систем што ќе функционира и ќе опфати поголем број компании. Така, на пример, нашата програма го поддржа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во промоцијата на македонските компании на „Биофах“, најголем саем на органски производители во Нинберг, Германија. Преку присуството на „Биофах“ во Германија и преку директното поврзување со швајцарски компании повеќе македонски компании го зголемија извозот на своите производи и воспоставија деловни врски со повеќе странски партнери („Органика Нова“, „Јуникс“, „Интермак“, „Липа“). Програмата IME, исто така, им помогна на дел од компаниите („БеОрг“, „Наша добра земја“) да ја зголемат својата продажба на локалниот пазар, со цел да им овозможат пристап до органските производи на купувачите во Скопје. Од сите овие активности евидентни се резултатите на компаниите што имаат зголемена продажба, зголемен обрт, но и зголемен број вработени.

 

 

Содржината е прочитана 590 пати.