Бизнис вести

Наградени компаниите со најдобри општествени практики

Доколку некоја компанија сака да прави профит, мора да се грижи и за околината, општеството и за заедницата во која го остварува својот бизнис

среда, 15 ноември 2017

Се повеќе компании во Македонија применуваат општествено одговорни практики, свесни дека со вложување во општестветната одговорност инвестираат во својата конкурентност која им носи поголем профит. Тоа треба да стане општо прифатен стандард. Ова беше речено на доделувањето на 10. Национална награда за најдобри општествено одговорни практики во 2017 година.

Премиерот Зоран Заев потенцираше дека доколку некоја компанија сака да прави профит, мора да се грижи и за околината, општеството и за заедницата во која го остварува својот бизнис.

„Компаниите кои применуваат корпоративна и општествена одговорност имаат два до три проценти поголем профит од нивните конкуренти“, рече Заев.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, компаниите ги прифаќаат апелите и се вклучуваат во активностите за социјална заштита, но многу е важно досегашните ад хок иницијативи да прераснат во системски решенија со придобивки во областа.

„Се надевам дека практиките за општествена одговорност еден ден ќе станат станат општо прифатени стандарди. Преку развивање и примена на концептот на општествена одговорност Македонија ќе биде поблиску до достигнување на целите за одржлив развој 2030. Тоа не е само универзален сет од цели кои треба да се постигнат во наредните 13 години, туку значат и поттик, стимулирање дијалог, партнерство и заеднички активности на граѓани, групи, организации и институции, чија заедничка работа на различни цели ќе влијае на развојот на општеството“, рече Царовска.

На конкурсот за наградата беа пријавени вкупно 34 проекти, 10 на мали и средни претпријатија, а 24 на големи претпријатија. Најголемиот дел од фирмите кои аплицираа се од услужниот сектор, финансискиот и ИКТ секторот, а најбројни беа апликаците во категоријата „Вложување во заедницата“.

Со одлука на жири комисиите, со статуетка во категоријата „Однос кон вработените“ беше наградена компанијата „Алкалоид“, во категоријата „Етичко управување“ компанијата „Раде Кончар ТЕП“, а за „Односи на пазарот“ награда доби „Рамстор Македонија“. Статуетка во категоријата „Однос кон животна средина“ добија „Скопски легури“, „Адора инженеринг“ и Градежен институт „Македонија“, а во категоријата „Вложување во заедниците“, наградени се „ЕВН Македонија“, „Фармахем“ и ОКТА. Беа доделени и јубилејни признанија за најнаградувани мали и средни претпријатија.
 

Содржината е прочитана 198 пати.