Бизнис вести

Можности за финансиска помош при отворање работни места

Можностите за финансиска поддршка за отворање нови работни места преку мерките и програмите за бизнис секторот, во делот на мали и средни претпријатија, кои се дел од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување за 2017 година, беа презентирани денеска пред претставниците на Стопанската комора на Македонија

вторник, 14 ноември 2017

Можностите за финансиска поддршка за отворање нови работни места преку мерките и програмите за бизнис секторот, во делот на мали и средни претпријатија, кои се дел од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување за 2017 година, беа презентирани денеска пред претставниците на Стопанската комора на Македонија.

- Мерките се однесуваат на унапредување на можностите за работа во овие мали и средни претпријатија и купување опрема, како и поддршка за вработување млади лица до 29 години. Многу е важно овие мерки да бидат промовирани директно пред стопанствениците зашто само така можеме да оствариме комуникација и да видиме дали тие имаат одредени задршки за да аплицираат за нив, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Додаде дека нивните ставови и мислења ќе помогнат во креирањето на новиот оперативен план за вработување за 2018 година.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон смета дека оваа средба е важна за да се разменат мислења за тоа како да се надмине предизвикот со недостиг на квалификувана сила која бизнис секторот не може да ја обезбеди за да ја изврши својата работа, во услови на, како што рече, висока невработеност во земјата.

Очекуваме повратен одговор од стопанствениците, додаде таа, затоа што тоа ќе ни помогне да ги ажурираме мерките кои ги предвидуваме мерките за 2018 година со кои ќе се третира невработеноста.

Оперативната директорка на Организација на комората Елена Милевска Штрбевска вели дека мерките што денеска се презентирани ќе бидат, како што рече, поттик за команиите за поголем број вработувања, поголем број млади и овозможување подобра бизнис клима.

Смета дека тие треба да помогнат во реализација на приоритетите на Стопанската комора на Македонија за усогласување на понудата и побарувачката на работна сила и обезбедување на квалификувана работна сила за потребите на работодавачите. Нови вработувања, според неа, се потребни во повеќе сектори како текстилната, кожарската и металопреработувачката индустрија, но и туристичката дејност.

Оперативниот план за мерки за вработување за годинава е 17 милиони евра, плус дополнителни 2,2 милиони евра обезбедени со ребалансот на Буџетот.

За наредната година се планирани 760 милиони денари државни буџетски средства, но министерката Царовска најави дека ќе има консолидирање на Оперативниот план и во него ќе бидат вклучени сите средства, буџетски, но и од другите донатори, меѓународни организации, со цел, како што рече, мерките да дадат подобри резултати, но и на крај на годината да се види какви биле тие и дали и како треба да се ревидираат.

Во моментов во Македонија има околу 100 илјади активни, и 90 илјади пасивни баратели на работа.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 169 пати.