Бизнис вести

Законите од градежништвото треба да се применуваат, а не постојано да се менуваат

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија на министерот Горан Сугарески му беше укажано на бројните проблеми со кои се соочуваат компаниите при нивната работа поради честите законски измени

вторник, 14 ноември 2017

Потребно е да се обезбеди практична примена на регулативата и да нема чести промени на законите од сферата на градежништвото, како што се Законот за градежно земјиште, Законот за градба и Законот за просторно панирање. Ова го бараат компании од градежништвото, туризмот и текстилната индустрија при Стопанската комора на Северозападна Македонија.

На средбата со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески му беше укажано на бројните проблеми со кои се соочуваат компаниите при нивната работа, токму поради честите промени на законските одредби.

„Градежништвото е еден од најсилните сегменти кој носи бенефит во економијата на државата. Законите во Македонија, на некој начин се добри, но ќе треба подобро да се применуваат. Имавме барање од компаниите да нема чести промени на законите кои го отежнуваат секојдневното работење“, рече Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Хоџа го запозна министерот со проблемите со неспроведени решени судски спорови, како и при впишување на сопственоста на земјиштето.

Министерот Сугарески изрази подготвенст за прифаќање на сите идеи, предлози и ииницијативи со кои ќе се подобри регулативата, се со цел да се направат квалитетни измени кои ќе го подобрат работењето на компаниите, а награѓаните ќе им овозможат да си ги остваруваат правата.

„Потребно е да се олеснат постапките за добивање одобрение за градење, како и да се ревидира казнената политика. Важно е заеднички да се утврди како да се подобри примената на законите. Нема да дозволиме во наредниот период да се менува Законот за градење заради лични интереси. Овој Закон досега е променет над 27 пати“, рече Сугарески.

За таа цел веќе е формирана работна група со претставници на државни институции, комори, факултети, невладин сектор, кои изминатиот месец вршеле проверка на целата материја. По детаљната анализа, како што рече министерот, во наредниот период точно ќе се утврди во кои насоки ќе се спроведуваат реформи за да се создаде нова функционална легислатива која ќе биде лесно приспособлива на новите потреби и стандарди.
 

Содржината е прочитана 204 пати.