Бизнис вести

Албанија ќе бара Македонија да се вклучи во изградба на автопатот „Арб’р“ на своја територија

Патот „Арб’р“ кој за 100 километри ќе го скрати растојанието од Тирана до Дебар, има за цел да го направи пристаништето во Драч подостапно. Но, дел од домашните експерти сметаат дека приоритет треба да се даде на автопатот од Струга до Елбасан

понеделник, 13 ноември 2017

Албанија ќе побара од Македонија да се вклучи во продолжувањето на автопатот ,,Арб’р“ и на македонската територија, најави албанскиот премиер Еди Рама за време на посетата на албанскиот град Пешкопеја. Ова барање ќе биде изнесено на заедничката седница на Владите на Албанија и на Македонија што ќе се одржи во Поградец.

„На состанокот со македонскиот премиер во октомври беше договорено да се одржи заедничка владина седница во Поградец на која ќе одлучиме дека е неопходно и Македонија да го заврши патот ‘Арб’р’ од својата страна. На тој начин ќе го приближиме Дебар со Тирана, бидејќи тоа е многу пократок пат кој ќе реши голем проблем“, рече Рама.

Тој појасни дека автопатот „Aрб’р“ кој ќе биде долг 73 километри ќе го скрати растојанието од Тирана до Дебар за околу 100 километри. Според албанскиот премиер, патот не само што ќе поврзува една област со друга и ќе овозможи развој на источниот дел на Албанија, туку ќе има позитивни ефекти и во поширокиот регион и ќе биде стратешки објект за развој на економијата, вработувањето и за туризмот.

„Патот ‘Арб’р’ има за цел да создаде економски коридор со Македонија преку Дебар и да го направи пристаништето во Драч подостапно“, рече Рама.

Локалните власти во пограничните општини Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше се со став дека овој пат многу ќе придонесе за развој на поширокиот дебарски регион, а ќе влијае и врз економската размена на Македонија и Албанија.

Сепак, дел од македонските експерти сметаат дека изградбата на овој автопат не треба да биде приоритет ниту на македонската, ниту на албанската влада, бидејќи дневно по оваа делница низ Македонија поминуваат помалку од 5.000 возила. Тие предлагаат фокус да се стави на изградба на автопат преку Струга, односно, од Струга до граничниот премин Ќафасан и до албанскиот град Елбасан, зашто овој правец е далеку поатрактивен и економски пооправдан. Истовремено треба да се забрза изградбата на автопатот од Гостивар преку Кичево до Охрид, со цел да се забрза интензивниот проток на стока и услуги на овој правец.

 

Содржината е прочитана 183 пати.