Бизнис вести

Заев: „Изготвивме буџет за напредок на економијата“

Владата го усвои Предлог буџетот за 2018 година и го достави до Собранието

петок, 10 ноември 2017

„Предлог- буџетот е голем чекор кој ќе придонесе за стабилност на економијата и гарантира домаќинско и ефикасно управување во работењето со државните пари“, рече премиерот Зоран Заев, презентирајќи го Предлог-буџетот за 2018 година.

Предлог буџетот, како што наведе Заев, ги содржи препораките од јавната дебата, а основната цел при неговата подготовка била развојната компонента за насочување повеќе пари кон граѓаните.

„За прв пат предлог–буџетот беше објавен на јавна дебата, со цел во консултација со јавноста да се знае каде се трошат парите на граѓаните. Буџетот ги обезбедува основните потреби на државата за навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, обезбедува услови за реално раздвижување на економијата, при што ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции. Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност на Република Македонија. Во 2018 уште поизразено продолжуваме со кратење на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочуваме за потребите на граѓаните“, рече Заев.

Државната каса во 2018 година ќе „тежи“ 3,4 милијарди евра, со буџетски дефицит од 2,7 отсто од БДП. Заев нагласи дека целта што ја поставила Владата за раст на економија од 3,2 проценти е базирана на реални основи и е во линија на проекциите на ММФ и на другите меѓународни финансиски институции.

Во Предлог-буџетот се планирани пари за зголемување на платите во образованието, здравството и детската заштита, како и во армијата. Планирани се 6,6, милијарди денари повеќе пари за тековни расходи и социјални трансфери кон граѓаните, има пари за законско порамнување на пензиите, како и 988 милиони денари за нови вработувања.

Заев потенцираше дека за следната година се издвоени 10 милиони денари со кои ќе се реконструира Офицерскиот дом во Битола и исто толку за спомен обележјата на Тоше Проески во Крушево.

Предлог- буџетот беше усвоен на владина седница и доставен до Собранието.


 

Содржината е прочитана 217 пати.