Бизнис вести

Првиот буџет на новата Влада ќе ги погоди посиромашните граѓани

Како и кој најмногу ќе го почувствува поскапувањето на акцизата за дизелот? Дали повисоката цена на нафтата ќе ги поскапи земјоделските проиводи

петок, 10 ноември 2017

Предлогот да се зголеми акцизата на дизел горивото за три денари силно одекна во јавноста и наиде на бројни негодувања кај граѓаните. Особено силен отпор има кај оние кои имаат дизел возила, бидејќи од Нова година ќе треба да возат за 3,5 денари поскапо гориво.

Објаснувањето дека со овој потег се прави чекор против загадувањето, воопшто не го намали револтот. Дотолку повеќе што во програмата „За живот во Македонија“, со која сегашната владеачка гарнитура ги доби гласовите на граѓаните, никаде не се спомнуваше такво нешто. Напротив, таму беше речено дека ќе се води сметка за посиромашните граѓани и се најавуваа праведни даночни реформи со кои најбогатите би плаќале повисоки даноци. Се ветуваше прогресивно оданочување, даноци за луксузен имот. Во таа насока требаше да се зголеми стапката на акцизата на патничките автомобили поскапи од 40.000 евра, (бидејќи таквите автомобили не ги вози средната класа), како и за 50 отсто да се намали бројот на возила што ги поседува државната и јавната администрација.

Но, ниту прогресивно оданочување, ниту повисоки даноци за луксузирање. Владата одлучи приоритет да даде на поскапување на акцизата на дизел горивото и тоа го вметна во првиот буџет што го изготвува. Тие што живееја луксузно, ќе продолжат да се луксузираат и натаму. Оние, пак, што живееја скромно, сега ќе живеат потешко. Со други зборови, богатите ќе останат богати, сиромашните ќе станат уште посиромашни. За прогресивното оданочување да почне да се имплемнтира од јануари 2018 година немало доволно време. Исто како што очигледно нема време ниту за воведување повисоки даноци за луксузирање. Затоа, пак, се покажа дека доволно време има за зголемување на акцизата на дизелот. А, тоа, несомнено ги погаѓа најмногу граѓаните од средната класа кои најчесто возат автомобили на нафта токму поради нејзината пониска цена во однос на бензините.

Граѓаните сега стравуваат дека со поскапувањето на дизелот ќе се олабави инфлаторната спирала и оти тоа ќе повлече други поскапувања. Бидејќи, повеќе од сигурно е дека за 3,5 денари поскапиот дизел ќе ја зголеми цената на услугата на транспортерите кои користат дизел возила и тие новата цена ќе ја вкалкулираат во цената на своите услуги, а со тоа и на производите. Од друга страна, со тоа дополнително ќе се зголемат трошоците на компаниите, што може да доведе до влошување на нивната конкурентност. Оттаму, се наметнува прашањето како оваа мерка ќе се одрази на посиромашните граѓани и што е најважно, дали и колку ќе поскапи храната?

Од Владата ги смируваат негодувањата со објаснување дека зголемената акциза немало да предизвика инфлаторни притисоци. Граѓаните не требало да се грижат, бидејќи не се очекувале драстични поскапувања. Но, засега никој не кажува дали воопшто е направена било каква пресметка што ќе покаже како зголемената акциза и поскапиот дизел ќе се вгради во цените на производите во кои влегува нафтата како импут.

Мислењата се поделени и во стручната јавност. Додека некои економисти се убедени дека нема да има големи ефекти директно врз џебот на граѓаните, други сметаат дека повеќе од сигурно животот ќе поскапи. И тоа поприлично. Особено се гласни земјоделците, кои бараат Владата да ја преиспита одлуката или евентуално да го изземе земјоделството од неа. Нивните образложенија се дека цените на земјоделските култури во Македонија паѓаат во континуитет, а сега уште ќе се зголеми акцизата на дизелот, кој што го троши земјоделската механизација, што ќе значи повисоки влезни трошоци и автоматски поскап краен производ.

Наспрот тоа, пак, од Министерството за земјоделство уверуваат дека зголемената акциза нема да предизвика поскапување на земјоделските производи произведени на фарма. Бидејќи, со воведувањето на зелената нафта значително ќе се намалат трошоците за земјоделско производство.

Сепак, не се во прашање само производите што се добиваат на фарма. Затоа се чини сосем оправдан стравот на луѓето од средната, па и од ниската класа, а кои сочинуваат повеќе од две третини од населението во Македонија каква ќе биде наредната година. Бидејќи, не само што секое поскапување делува дестимулативно, туку поскапата нафта секако ќе се одрази негативно врз домашниот буџет и уште повеќе ќе го истенчи и онака тенкиот џеб на македонскиот граѓанин.

 

Содржината е прочитана 424 пати.