Бизнис вести

Македонија ќе ја заврши годинава со економски раст од 1,7 отсто

Најновиот есенски извештај на Европската комисија предвидува дека во 2018 година растот на БДП ќе биде 2,7 отсто

петок, 10 ноември 2017

Македонија ќе ја заврши годинава со економски раст од 1,7 отсто, додека во 2018 година растот на БДП ќе биде 2,7 отсто, предвидува европската комисија во најновиот есенски економски извештај, според кој во 2019 година БДП ќе има раст од 3,2 проценти.

Во извештајот се наведува дека економските движења и инвестициите во првото полугодие од оваа година се намалиле поради продолжената политичка криза, но, се очекува најавените фискални реформи, поддршката на домашната побарувачка и вработувањата да го вратат интересот на инвеститорите и да ја зајакнат економската активност.

Европската комисија во својот извештај предвидува и натамошен раст на вработувањето и намалување на стапката на невработеност и тоа на 21,4 отсто во 2018 и на 21 процент во 2019 година.

ЕК очекува на растот на БДП најмногу да влијае домашната побарувачка и потрошувачка, потоа зголемувањето на минималната плата, како и јавните инвестиции. Економскиот раст би можел да биде забавен во случај на повторно влошување на политичката ситуација која, како што оценува, останува кревка, но сепак, ризикот за тоа сега е многу помал отколку во првата половина од годинава.

 

Содржината е прочитана 153 пати.