Бизнис вести

Само со стечај може да се спаси имотот на „Фени“

Направените анализи покажале дека компанијата е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки

четврток, 09 ноември 2017

„’Фени Индустри’ има добар бизнис потенцијал, а отворање стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување штети и изнаоѓање најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум“.

Ова е ставот на привремениот стечаен управник на „Фени“, Мирослав Анастасиевски според кој, тоа е можно да се постигне со изнаоѓање нов стратешки инвеститор и брз премин кон нормално функционирање.

„Во финална фаза е изготовката на извештајот за спроведена претходна постапка кој ќе биде поднесен до Основниот Суд Велес. Од направените анализи се препознава компанија која е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки“, вели Анастасиевски.

Дел од вработените во „Фени“ деновиве бараа повлекување на одлуката за стечај на комбинатот. Вчера неколку часа го блокираа и сообраќајот на патниот правец Прилеп-Градско, а претходно штрајкуваа и пред локалните филијали на Комерцијална банка, на Стопанска банка и на банката „Силк роуд“ во Кавадарци, кои ја покренаа предстечајната постапка. Работниците бараат повлекување на стечајот, платите да им се исплаќаат во целост и до продажба на фабриката да имаат статус на вработени. Но, штрајкот не ги премисли банките кои и натаму остануваат на ставот дека состојбите во кавадаречкиот комбинат треба да се решаваат преку стечај.

Рочиштето на кое ќе се разгледува можноста за отворање стечај за „Фени“ е закажано за 13 ноември. Од комбинатото известија дека е обезбедена струја за работота на печката до 13 ноември.

 

Содржината е прочитана 159 пати.