Бизнис вести

Чевларите бараат намалување на придонесите за да можат да исплатат минимална плата

Здружението на чевлари од Куманово бара и придонесите за плата до 18.000 денари да останат фикси одреден период

четврток, 09 ноември 2017

Намалување на придонесите во чевларството за да нема проблеми со исплата на минималната плата од 12.000 денари, бараат од Здружението на чевлари од Куманово.

Од ова Здружение, кое брои 50-ина компании од оваа дејност бараат да се изнајдат други прифатливи решенија, како и придонесите за плата до 18.000 денари да останат фиксни одреден период. Тие бараат средба со Владата и со ресорното Министерство за да се изнајде решение што ќе им овозможи исплата на поголема плата.

„Најголем проблем имаме со Законот за минимална плата. Не сме против да има поголема плата, ни требаат работници и тие треба да имаат поголеми плати, но бараме да нè ослободат од некој друг аспект за ние да ја дадеме таа поголема плата. Фирмите не можат да ги израмнат вработените кои би земале минимална плата со оние кои веќе земаат и по 14.000 денари. Ако ги покачиме платите од 10.000 на 12.000 денари, најслабо платените ќе дојдат до изедначување со поефикасните работници. Затоа сме принудени на сите да им покачиме по 20 отсто, за да не дојде до намалување на продуктивноста, а со покачувањето многу се зголемуваат придонесите и персоналниот данок“, вели Лидија Милановска, претседател на Здружението „Куманово“.

Таа додава дека најтешко им е на малите чевларски фирми. Сепак, се надева дека ќе се договорат со надлежните и ќе се најде компромисно решение.

Во Куманово во чевларските фирми работат околу 3.000 работници.
 

Содржината е прочитана 225 пати.