Бизнис вести

Ќе се гради нов експресен пат од Штип до Радовиш

Изградбата на оваа сообраќајница што ќе биде долга 23,5 километри ќе чини 28 милиони евра

среда, 08 ноември 2017

Ќе се гради нов експресен пат од Штип до Радовиш во должина од 23,5 километри. Делницата ќе претставува продолжување на автопатот од Миладиновци до Штип.

Според потпишаниот договор ќе се гради комплетно нова траса од местото Софилари пред Штип, па до Бучим.

Изградбата на овој експресен пат ќе чини 28 милиони евра, а средствата се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. Се очекува изградбата да почне за еден месец, а да заврши за три години, односно, патот да биде готов до крајот на 2020 или најкасно до почетокот на 2021 година.

Сообраќајницата ќе има две ленти со широчина од по 3,5 метри и две ленти за застанување, по една во секој правец, со широчина од по два метра. Предвидено е и поставување заштитна ограда, како и хоризонтална и вертикална сигнализација на ниво на експресен пат. Максималната дозволена брзина на овој пат ќе биде 110 километри на час. На делницата ќе бидат изградени 11 мостови, 22 пропусти, 3 натпатници и 2 потпатници.

 

Содржината е прочитана 208 пати.