Здравје/ Убавина

Надлежните се мобилизираат против загадувањето, со налепници во боја ќе се знае кои возила најмногу го трујат воздухот

Што ги труе граѓаните? Индустријата, сообраќајот, употребата на разни отпадни материјали за затоплување, непланското градење...

среда, 08 ноември 2017

Дождот само накратко го исчисти воздухот и го намали присуството на ситните честички прашина. До почетокот на овој месец, кој, според статистиката на Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со декември и јануари се најзагадените месеци во текот на една година, жителите на Скопје веќе се изнадишиле загаден воздух. Поточно, во 10-те изминати месеци скопјани дури меѓу 79 и 139 денови дишеле енормно загаден воздух. А, допрва се очекуваат високи концентрации на канцерогени ПМ 2,5 и ПМ 10 честички.

Всушност, во сите делови каде се мери квалитетот на воздухот се надминати максимално дозволените 35 денови во годината во кои луѓето може да бидат изложени на високи концентрации на штетните четички во воздухот. Така, податоците на Министерството покажуваат дека најмногу или 139 денови со загаден воздух имало во Гази Баба, кај Ректорат 135, во Лисиче 101, Карпош 92 и во Центар 79 денови биле загадени повеќе од дозволеното. Од почетокот на овој месец, пак, концентрациите на ПМ10 честичките достигнале над 300 микрограми на кубен метар, што е шест пати над максиманло дозволените 50 микрограми.

Тоа го вклучи алармот и надлежните се мобилизираа. Претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, од Град Скопје и од скопските општини одржаа средба на која се дискутираше за начините на кои може да се делува за да се намали загадувањето.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека ќе се направи база во која ќе се рангираат сите автомобили и ќе се поделат во групи, па во зависност од нивото на загаденост ќе се забранува нивно учество во сообраќајот. Односно, во периодите кога загадувањето ќе биде многу високо ќе биде забранета употребата на постарите автомобили кои што загадуваат повеќе.

Мерката, како што појасни Шилегов, предвидува со законски измени секое возило при технички преглед да се категоризира според измерените издувни гасови и да добие налепница со соодветна боја, по што градските власти ќе можат административно да ги исклучуваат оние возила што го загадуваат воздухот. Градоначалникот рече дека со ова за прв пат почнува системски да се решава проблемот со загадувањето. Тој очекува дека овие законски измени ќе поминат пред Собранието до крајот на годинава, а до крај на наредната година ќе бидат еколошки мапирани сите возила во државата.

Претходно, од Градот Скопје веќе излегоа со препораки до граѓаните како да се однесуваат и што да преземат за да избегнат, колку е можно, изложување на загадувањето. Препораките се однесуваат во случај кога концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот ќе надмине 50 микрограми на кубен метар во текот на пет последователни дена.
Градските власти им препорачуваат на граѓаните да не излегуваат од дома доколку не е итно, а кога ќе мораат, да не престојуваат на отворено подолго време, особено доцна навечер и рано наутро кога концентрациите на ПМ 10 честичките се и највисоки. Возилата да не се користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило и што повеќе да се користи јавниот превоз. Исто така, домаќинствата да не користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, пластика, гуми или каков било синтетички материјал за загревање на домовите, редовно да ги чистат оџаците, а државните инспектори да ги зголемат контролите како на оџаците во домаќинствата, така и на индустриските и занаетчиските постројки. Особено треба да се внимава на субјектите кои работат со отпадни гуми и отпадни масла, на градилиштата, потоа зачестено да се чистат улиците и пешачките површини. Исто така, на автошколите им се препорачува обуките да ги реализираат во период од 9,30 до 14,30 и по 18 часот, а МВР да ги зајакне контролите на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови.

Од Градот Скопје велат дека инспекцијата веќе почнала да казнува и оти само во текот на изминатите неколку дена биле напишани казни за палење отпад. Глобата е 50 евра во денарска противвредност.

Честичките ситна прашина се причина за разни болести и за смртност на дури 30 проценти од населението. Овие канцерогени честички може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето и да предизвикаат големи здравствени проблеми. Здравствените власти проценуваат дека ако на годишно ниво во Скопје умираат 5.000 лица, тогаш од 1.000 до 1.050 од смртните случаи се последица од аерозагадувањето. Околу 200 лица од истата причина починуваат во Битола, 100 во Тетово и т.н., што значи дека од 20 до 30 проценти од смртноста на населението е последица на загадениот воздух.

А, за да се намалат овие бројки, неопходна е заедничка борба на одговорните во централната и во локалната власт, но и на самите граѓани чија свест, за жал, е се уште на ниско ниво кога станува збор за екологијата, загадувањето и за животната средина, воопшто.

Што ги труе граѓаните? Индустријата, сообраќајот, употребата на разни отпадни мтеријали за затоплување, непланското градење... Се чини од се по малку. Или по повеќе. Нискиот животен стандард несомнено има огромно влијание врз квалитетот на животот, а со самото тоа и врз загадувањето на воздухот. Луѓето се почесто се откажуваат од централното парно греење и преминуваат на сопствено затоплување на домовите, кое, во зависност од нивната финансиска (не)моќ, го прават со дрва, а не ретко и со палење други материјали што ќе им дојдат до рака во моментот, како што се разни отпадни масла, лакирани дрвени отпадоци, па дури и гуми. Исто така, по градските улици има огромен број дизел возила, токму поради пониската цена на дизел горивото, а тоа уште повеќе придонесува за присуство на штетни честички во воздухот.

Од друга страна, пак, Скопје е распослано во котлина каде има температурна инверзија во текот на зимата и појава на магла. Меѓутоа, ако не може да се смени неговата местоположба, тогаш може да се делува со правилно урбанистичко планирање кое нема да ги блокира природните струења на воздухот. Но, се чини токму тоа е проблем и една од главните причини за зголеменото присуство на ситна прашина во воздухот. Во Скопје владее урбан хаос, непланско градење, масовно сечење на зеленилото на сметка на бетонски површини и уништување на „белите дробови“ на градот - парк шумата „Водно“, што само придонесува за зголемени концентрации на канцерогените честички во воздухот.

Оттаму и заложбите на екологистите да се донесат не само краткорочни, туку и долгорочни мерки за да може овој проблем да се сведе на минимум. Од невладината организација „Скопје Смог Аларм“ бараат од Владата во новиот буџет за 2018 година да одвои средства во висина од еден отсто од проектираниот БДП за борба со загадувањето, а Министерството за животна средина итно да изготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства.

„Потсетуваме дека според податоците на Светската банка од 2015 година, како последица на аерозагадувањето македонската економија трпи годишни загуби од 253 милиони евра, или 3,2 отсто од БДП, што значи дека реалниот раст на економијата изминативе години е нула отсто. Овој тренд мора да запре“, велат од оваа НВО и потенцираат дека барањето е испратено до Владата, Министерството за животна средина, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Канцеларијата на ОН во Македонија како и до амбасадите на САД, Германија, Велика Британија и на Холандија.

Во меѓувреме, на граѓаните им преостанува да се самозаштитат од загадениот воздух. Онолку колку што можат. Зашто, додека да се изготви базата на автомобили и тие да добијат налепници, или додека да биде одговорено на барањето на екологистите, ПМ 10 и натаму ќе го окупираат воздухот. А, сиромашните ќе продолжат да ги возат своите стари коли, оти немаат пари за нови и скапи и, натаму ќе се греат со што ќе најдат, зашто не се моќни за нешто подобро и поскапо. Барем додека надлежните не се решат да воведат трамвај, на пример, или друг вид јавен превоз на струја и на тој начин да докажат дека во борбата со загадениот воздух влегуваат без импровизации и со сопствен ангажман, а не само со префрлање на одговорноста на граѓаните.
 

Содржината е прочитана 853 пати.