Бизнис вести

Стопанската комора бара посебен даночен режим за холдинг компаниите

Важно е да се создаде законска основа што ќе овозможи распределбата на добивката од работењето во тековната година на фирмата-ќерка основана од холдингот

среда, 08 ноември 2017

Стопанската комора на Македонија ќе поднесе до Владата иницијатива за законско нормирање и за посебен даночен режим за холдинг компаниите.

Како што рече оперативниот директор во Комората, Елена Милевска Штрбевска, особено е важно да се создаде законска основа што ќе овозможи распределбата на добивката од работењето во тековната година на фирмата-ќерка основана од холдингот, да се евидентира и објави во годишната сметка на холдинг компанијата во истата година.

„Засега тоа не е можно поради што остварената добивка може да се користи за реинвестирање и во развој на фирмата дури откако ќе помине одреден период и сите рокови за поднесување финансиски извештаи и завршни сметки“, рече Милевска Штрбевска.

Во Македонија не постои можност за регистрација на холдинг друштвата, туку постојат повеќе поврзани друштва кои во моментов имаат обврска да поднесуваат консолидирани извештаи само до Централниот регистар, но не и консолидирани даночни извештаи до надлежните институции. Комората очекува Владата да ја усвои иницијативата. Претходно е неопходно дивидендите што фирмата-ќерка ги исплаќа во холдинг компанијата да бидат ослободени од оданочување, исто како и приходот на холдинг компанијата остварен при продажба на удел во фирмата-ќерка, а салдото на трансферираните парични средства (заеми) да не влегува во даночната основа при сочинувањето на даночниот биланс за финансиската година.

Милевска Штрбевска посочи дека сите европски законодавства предвидуваат даночни повластувања за холдинзите, како 100 отсто ослободување од данок на дивиденди и капитална добивка, без притоа да се бара минимален временски период на сопственост на акциите.

 

Содржината е прочитана 172 пати.