Бизнис вести

Бизнис заедницата бара тримесечни анализи за капиталните инвестиции

Министерот за финансии, Драган Тевдовски го презентираше предлог-буџетот за 2018 година пред стопанствениците во Стопанската комора на Македонија

понеделник, 06 ноември 2017

Владата секои три месеци да ја анализира реализацијата на капиталните инвестиции, бара Стопанската комора на Македонија

Како што рече претседателот на Комората, Бранко Азески на расправата по предлог-буџетот за 2018 година што го презентираше министерот за финансии, Драган Тевдовски, добро е што капиталните инвестиции се зголемуваат, но останува прашањето дали некој ќе сноси одговорност во врска со динамиката на нивната реализација.

„Апсолутно е прифатлив предлогот да се прави анализа на капиталните инвестиции секои три месеци и ќе го предложиме тоа како идеја, со цел да се изнајде системско решение во оваа насока“, изјави Тевдовски, додавајќи дека секојдневно се врши притисок врз секторите кои раководат со капиталните инвестиции (транспорт, образование, здравство...) за да се интензивираат.

На забелешката зошто буџетот е поголем од лани, Тевдовски одговори дека кај нас државната каса е проектирана на 32 отсто од БДП, во споредба со развиените земји каде изнесува 50 до 55 отсто од БДП.

„Нема простор да се тврди дека буџетот е преголем, зашто е многу под она што, всушност, треба да биде. Но, такви промени не сакаме да направиме преку ноќ, се што се менува ќе оди постепено“, истакна Тевдовски.

Во врска со зглемувањето на акцизата за дизелот што, според Азески ќе има сериозен импакт врз стопанството, министерот повтори дека проекцијата на Владата за инфлацијата е 1,7 отсто, вклучувајќи ги очекувањата за поместувањето на акцизата. Овој процент, нагласи Тевдовски, е сосем коректен и не треба да загрижува никого.

„Апелираме посебно до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема“, рече Тевдовски.

На прашањето од Стопанската комора за долгот на државата кон приватниот сектор, Тевдовски одговори дека во Министерството за финансии е веќе направен софтвер кој треба да ги прибира овие податоци и веќе се тестира. Истовремено се прават подготовки за носење нов закон со кој сите од Министерството ќе бидат задолжени месечно да го полнат софтверот што, пак, ќе овозможи да се информира, но и соодветно да се креираат политиките.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 163 пати.