Бизнис вести

Иницијатива за воведување авиолинија Скопје – Подгорица – Сараево

Премиерот Зоран Заев ова го договорил на билатерална средба со црногорскиот премиер Душко Марковиќ

петок, 03 ноември 2017

Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина прават уште еден чекор напред во регионалната соработка преку прифаќање на иницијативата на премиерот Зоран Заев за воведување авионска линија на релација Скопје – Подгорица – Сараево. Заев ова го договорил на билатералната средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ.

„Двете земји имаат само перспективи пред себе, без ниту едно отворено прашање. Она што е важно, поставуваме такви чекори што само ќе ја јакнат соработката меѓу нашите држави. Во тоа име, сакам да објавам дека е усогласен текст помеѓу Република Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, заедно со нашите кабинети и ние како претседатели на владите, текст што ќе биде испратен до сите авионски компании коишто работат во овој регион за да испратат понуда за воспоставување авионска линија на релација Скопје – Подгорица – Сараево и обратно, за да можеме ова важно прашање конечно да го решиме. Веруваме дека сето тоа ќе овозможи нови економски перспективи, но и секаков друг вид соработка, туристичка, културна, соработка во областа на спортот, на образованието и од сите други аспекти на секојдневниот живот на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Интересот за решавање на ова горливо прашање го потврди и црногорскиот премиер Марковиќ.

 

Содржината е прочитана 173 пати.