Бизнис вести

Државната каса ќе се полни со зголемување на акцизата за нафта и со поскапување на дизелот за 3,5 денари

Дополнително собраните 1,6 милијарди денари од акцизата и 350 милиони денари од ДДВ од продажбата на дизелот ќе се искористат за инвестиции во патиштата

четврток, 02 ноември 2017

Од 1 јануари 2018 ќе се зголеми акцизата за нафта за три денари, а за 3,54 денари малопродажната цена на дизелот. Со тоа се очекува приходите во буџетот да се зголемат за 1,6 милијарди денари од акцизата и за 350 милиони денари од ДДВ од продажбата на дизелот.

Ова е предвидено со предлог буџетот за 2018 година, за кој се одржа јавна расправа во Министерството за финансии пред истиот да биде пратен во Владата, која,пак, има рок до 15 ноември да ги предаде во собраниска процедура.

Министерот Драган Тевдовски појасни дека акцизата на нафтата се зголемува согласно препораките на Европската унија за да се дестимулира употребата на дизел горивата со цел да се намали загaдувањето на животната средина.

„Препораките од ЕУ се дека овие акцизи треба да бидат 0,33 евроценти, а кај нас сега се 0,20 евроценти. Со зголемувањето, цената на дизелот ќе биде 0,86 евроценти”, рече Тевдовски и појасни дека дополнителните средства ќе се искористат за инвестиции во патиштата преку Јавното претпријатие за државни патишта.

Персоналниот данок на доход и во наредната година ќе остане на 10 отсто, додека преогресивното оданочување ќе биде пролонгирано до 2019 година.

Со предлог буџетот Владата го ревидира растот на БДП за годинава на 1,6 проценти од првично планираните 2,2 отсто. За Тевдовски, ова прво ревидирање е многу важно, бидејќи е основа за проекциите за наредната година за кога се планира раст од 3,2 проценти. Тој очекува да заврши забавувањето што го имавме годинава и да има значително забрзување следната година. За 2018 година е предвидена е стапка на инфлација од 1,7 проценти.

Новиот буџет ќе има вкупни приходи од 193,5 милијарди денари, односно 4,7 отсто повисоки од годинава, приблично ист толкав проценти повисоки и расходи кои се планирани на 211,7 милијарди денари и буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари, односно 2,7 отсто од БДП.

Најмногу капитални инвестици во наредната буџетска година ќе има во образованието и во здравството, а се планира и зголемување на платите за 5 проценти во здравството, образованието, градинките и во армијата, како и редовно зголемување на пензиите и надоместоците за социјала. Со предлог буџетот, меѓу другото е планирано да се зголеми основицата за придонеси од сегашните 12 на 16 просечни плати, со цел да се обезбеди поправедно наплаќање на придонесите.
 

Содржината е прочитана 139 пати.