Бизнис вести

Авиокомпанијата „Аркиа“ заинтересирана за авиолинија Скопје – Тел Авив

Министерот за транспорт, Горан Сугарески ги запозна претставниците на израелската компанија со условите што ги нуди Македонија за операции од домашните аеродроми

среда, 01 ноември 2017

Израелската авиокомпанија „Аркиа“ е заинтересирана за воспоставување нова линија на релација Скопје -Тел Авив. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на претставниците на „Аркиа“ им ги презентираше можностите и условите што ги нуди Македонија за авиокомпании заинтересирани за операции од домашните аеродроми и ги запозна со политиките што ги презема Министерството за транспорт и врски кон обезбедување широка мрежа од дестинации во Европа и светот.

„Имавме плодна средба на која ги образложивме нашите услови за работа во оваа дејност, а тие ги презентираа своите планови за ширење на нивната мрежа и во Македонија со воспоставување нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив“, рече Сугарески.

На средбата се разговарало и за придобивките што ќе ги имаат двете земји од евентуалното воспоставување на директната линија и тоа во однос на туризмот, економските односи и културните врски.
 

Содржината е прочитана 154 пати.