Бизнис вести

Државниот долг намален за 9,6 милиони евра во третиот квартал

Според Министерството за финансии, намален е и јавниот долг и тоа за 16,8 милиони евра

среда, 01 ноември 2017

Државниот и јавниот долг во третиот квартал од годинава забележале намалување во однос на претходното тримесечје, објави Министерството за финансии.

Според податоците на Министерството, заклучно со 30 септември 2017 година, државниот долг изнесува 3,87 милијарди евра или 37,8 отсто од БДП, што во споредба со претходното тримесечје претставува намалување од 9,6 милиони евра, односно 0,1-процентен поен.

Јавниот долг на Република Македонија, пак, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг, за третиот квартал годинава изнесува 4,69 милијарди евра, што претставува 45,8 отсто од БДП и е намален за 16,8 милиони евра во апсолутен износ во споредба со претходното тримесечје, односно намалување од 0,2-процентни поени.

Од Министерството информираат дека намалувањето на јавниот и на државниот долг се должи на отплата на обврски за надворешен стар долг во вкупен износ 101,9 милион евра.
 

Содржината е прочитана 167 пати.