Бизнис вести

„Фени“ дефинтивно оди под стечај

Централниот регистар постапувајќи по пријава од Основниот суд во Велес отвори претстечајна постапка за комбинатот

вторник, 31 октомври 2017

„Фени индустри“ дефинитивно оди во стечај. Комбинатот од Кавадарци доби општа забрана за располагање со имотот откако утрово Централниот регистар постапувајќи по пријава од Основниот суд во Велес објави дека е отворена претходна постапка за стечај. За привремен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар, а рочиштето за испитување на условите за отворање стечајна постапка е закажано за 13 ноември во Основниот суд во Велес.

Заради обезбедување на сè што е во сопственост на фабриката, покрај општата забрана за располагање со имотот, определени се и мерки забрана за одредување или спроведување на присилното извршување или обезбедување против должникот и забрана за исплати од сметката на должникот. Привремениот стечаен управник се задолжува да го заштити имотот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите на управување на должникот за водење на работењето сè до донесувањето одлука за отворање стечајна постапка со цел да се избегне значително намалувањето на имотот и да се испита дали од имотот на должникот можат да се намират трошоците на постапката.

Централниот регистар ги повика должниците на „Фени“ без одлагање да ги исполнат своите обврски кон должникот.

Од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството каде што е член синдикатот на „Фени“ очекуваат „Енекод“ да даде конкретни предлози за тоа каков план има за подмирување на долгот. Според нивните информации бугарскиот инвеститор веќе бара поддршка од бугарските банки за да го реши проблемот со „Фени“.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев кој одржа брифинг заедно со претставници на трите банки каде „Фени“ должи 40 милиони евра, објасни дека покренатата предстечајна постапка не значи стопирање на продажбата на комбинатот со цел банките да си ги наплатат долговите, туку дека претставува можност во најкраток рок да се најде сериозен инвеститор кој ќе ги превземе и ќе ги сервисира обврските на „Фени“ кон вработените, банките и другите доверители, ќе изврши реорганизација и со дополнително инвестирање ќе обезбеди натамошно работење.

Но, од друга страна, пак, стечајната постапка ќе овозможи и да се направи детаљна проверка како работеле досегашните сопственици на „Фени индустри“. Во таа смисла, инспектори на УЈП и Финансиската полиција веќе констатирале низа неправилности, како и дека комбинатот нема доставено завршна сметка за минатата година, што е законска обврска. Се дознава дека банките ќе бараат и кривична одговорност од претходниот сопственик бидејќи ги отуѓил залихите без нвина согласност, што е спротивно на договорите за кредит.

Како ќе се развива ситуацијата натаму, останува да се види, со оглед на тоа дека Синдикатот најави штрајк и блокада на судот и на банките доколку биде отворена стечајна постапка.


 

Содржината е прочитана 146 пати.