Бизнис вести

Синдикатот на „Фени“ со блокади ќе се спротиставува на најавениот стечај на комбинатот

Работниците ги обвинуваат банките дека поставуваат нереални барања за гаранции до бугарскиот инвеститор „Енекод“

вторник, 31 октомври 2017

Синдикатот на „Фени индустри“ нема да дозволи стечај на комбинатот и со блокади на судот и на банките ќе се спротистави на таквата одлука. Претседателот на Синдикатот, Ѓоре Палитов рече дека стечај не е прифатлив, затоа што во такви услови работниците треба да седат дома и да не земаат плата.

Според Палитов, банките поставуваат нереални барања за гаранции до бугарската компанија „Енекод“ која веќе има потпишано договор за купување на комбинатот. Тој ги обвини банките дека имаат за цел фабриката да се продаде на швајцарски фонд, зад кој, како што рече, имаат сознанија дека стојат бивши директори на „Фени“.

„Со оглед на тоа дека се работи за огромна сума што не се наоѓа преку ноќ, банките до бугарскиот инвеститор поставуваат нереални барања за гаранции. Такви гаранции можат да издадат само неколку банки во светот. Сè со цел ‘Енекод’ да се откаже од купувањето на ‘Фени’. Во случајов се работи за лични интереси на одделни моќници во државава“, вели Политов.

Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк Роуд банка АД Скопје до надлежниот суд во Велес минатата недела поднеле предлог за отпочнување стечајна постапка за комбинатот од Кавадарци. Но, Синдикатот смета дека „Фени индустри“ не може да го сервисира вкупниот долг што го има кон трите банки, а кој изнесува 40 милиони евра.

Политов појасни дека заедно со транспортерите одржале состанок со вицепремиерот Кочо Анѓушев на кој се договориле наредните денови да му дадат можност на бугарскиот инвеститор да ја дефинира понудата спрема банките и останатите доверители.

„Бугарскиот инвеститор не е откажан од ‘Фени’, само се прават манипулации тој да се откаже. Лично ја читав понудата од ‘Енекод’ до банките со која тој се обврзува да вложи 15 милиони долари во рок од 30 дена, а остатокот да се исплаќа на рати. ‘Енекод’ побара и дополнителен рок од шест дена да ја зголеми и оваа понуда и ги превзема сите долгови“, вели Палитов кој смета дека треба да се даде можност на инвеститорот да ја преземе фабриката.

Бугарската компанија „Енекод“ веќе потпиша договор за купување на „Фени индустри“, а поднесени се и документи до Централен регистар за назначување на бугарскиот инвеститор за преземање на директорските функции во комбинатот од Кавадарци.

 

Содржината е прочитана 135 пати.