Бизнис вести

Искористени помалку од 10 отсто од парите за иновации што ги дава Светска банка

Македонија има на располагање вкупно 9,5 милиони евра кои треба да ги искористи до средината на 2019 година

петок, 27 октомври 2017


Само девет проценти искористила Македонија досега за иновативни проекти од вкупно 9,5 милиони евра, колку што и се на располагање преку проектот за поддршка од Светска банка. Парите треба да се искористат најдоцна до средината на 2019 година, во спротивно ќе треба да се бара продолжување на рокот.

Ова го рече директорот на Фондот за иновации и развој, Јован Деспотовски, потенцирајќи дека воопшто не е пожелно да се бара нов рок, бидејќи на тој начин ќе се покаже дека и државата и економијата не се способни да апсорбираат 10 милиони евра.

Деспотовски појасни дека досега се финансирани околу 25 проекти и тоа најмногу од ИТ индустријата. Според него, главни причини за слабата искористеност на средствата се, пред се, слабата информираност, ниското ниво на свест за тоа што претставува иновацијата, непознавањето на можностите таа да биде финансирана и на инструментите што им се на располагање на компаниите. Токму пради тоа, како што рече Деспотовски, во сорабтока со СБ ќе биде подготвен комуникациски план преку кој ќе се работи на зголемување на свеста за реализација на иновациите, на проширување на пазарот за пласирање на средствата, односно, покрај старт-ап фирмите да се зголеми интересот и на малите и средни компании кои имаат капацитет, како и на зголемување на опфатот на секторите каде сега доминира информатичката технологија.

„Фондот ќе понуди практична поддршка на тие што имаат добра идеја како да ја стават на хартија согласно критериумите што Фондот ги дефинираше заедно со СБ, да можат успешно да го поминат процесот на аплицирање, да го потпишат договорот, да ги добијат средствата и потоа, повторно со техничка помош од Фондот, да можеме проектите да ги доведеме до успешна реализација“, рече Деспотовски.
 

Содржината е прочитана 187 пати.