Бизнис вести

Се подготвуваат даночни реформи, прашање е дали и колку ќе се затвори финансиската дупка

Експертите се поделени околу тоа кои даноци и колку треба да бидат зголемени. Додека едни се залагаат за зголемување на персоналниот данок на доход, други се за поголем данок на имот, а некои, пак, и за поголема стапка на ДДВ

четврток, 26 октомври 2017

Повеќе од извесно е дека на Македонија и претстојат даночни реформи. Тоа и не е никакво изненадување ако се има во предвид дека долговите се трупаат се повеќе и дека постои голем недостиг од пари. Од друга страна, пак, и СДСМ во својата изборна програма имаше најави повеќе даночни реформи со кои, како што беше потенцирано, ќе се воведат фер даноци за сиромашните да плаќаат помалку, а богатите повеќе.

Моментално и Владата и даночните експерти се ангажирани околу изнаоѓање оптимални решенија со кои ќе се покрие големиот финаниски јаз, но тоа да не биде на штета ниту на граѓаните, ниту на бизнис заедницата. Иако зголемување на даноците е непопуларна мерка, сите се согласуваат дека рез мора да се направи, колку и да е болен. Единствената дилема, се чини, е кое решение од кога да се примени, дали од следната фискална година, или да се остави за 2019 година.

Сепак, факт е дека повисоки даночни стапки секогаш не значи и поголеми приходи во буџетот. Особено ако се знае каква е финансиската дисциплина во Македонија и дека постои даночна евазија, особено доколку дојде до драстични зголемувања на даноците. Оттаму и поделеноста во мислењата на експертите околу тоа кои даноци и колку треба да бидат зголемени. Додека едни се залагаат за зголемување на персоналниот данок на доход, други се за поголем данок на имот, а некои, пак, и за поголема стапка на ДДВ.

Неофицијално, се зборува дека има неколку опции за умерено зголемување на даноците и тоа за прогресивно оданочување кај персоналниот данок на доход и тргање на горниот лимит за плаќање на социјалните придонеси од плата. Се анализира какви ефекти би имало од евентуално зголемување на персоналниот данок на доход на 18 проценти за повисоките износи и непроменета стапка од 10 отсто за пониските. Втората опција се однесува на плаќање социјални придонеси на цела плата без оглед на нејзината висина. Засега, се чини е сигурно дека нема да има зголемување на данокот на додадена вредност. Тоа децидно го потврди и Министерството за финансии. Посочувајќи дека ДДВ е најважен данок чие зголемување би го почувствувале и најранливите категории граѓани, од Министерството ги отфрлија како шпекулации информациите дека се подготвуваат даночни реформи со кои се планира да се зголеми ДДВ за два до три отсто.

„Стапката на ДДВ нема да се менува. Такво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата. До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување прогресивна стапка на персонален данок на доход. Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, велат од Министерството за финансии.

Но, не сите економисти се согласуваат со тоа да не се менува ДДВ. Додека некои сметаат дека прогресивното оданочување е морално праведно, бидејќи повеќе ги погаѓа побогатите, други се на став дека не треба да има зголемување на стапката кај персоналниот данок, туку да се зголеми ДДВ-то. Додека од една страна, прашање е дали и колку од вишокот пари собрани од прогресивното оданочување ќе стигнат до оние на кои им се најпотребни, од друга, се прогнозира дека евентуалното зголемување на ДДВ од 18 на 20 отсто нема да предизвика некое драстично зголемување на цените, а ќе донесе поприлично пари во буџетот.

А, воведувањето прогресивен данок беше дел и од изборната кампања на СДСМ во која имаше предвидено повеќе даночни реформи со кои се предлагаа, таканаречени фер даноци, односно, сиромашните да плаќаат помалку, а богатите повеќе. Така, на пример, се предлага враќање на 15 проценти од ДДВ, персонален данок на доход со две стапки, од 10 и од 18 отсто, да нема промени на единствената даночна стапка од 10 проценти кај данокот на добивка, повисок данок на имот за најбогатите, поголемо оданочување на луксузот...

Објаснувањето на сега владеачката гарнитура е дека секој граѓанин треба да добие назад по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки, со што би се добила уште една плата на крајот на годината. Исклучок од тоа би бил само данокот на луксузни производи. Што се однесува до двете стапки на персоналецот, се предлага на граѓаните кои имаат вкупен месечен личен доход до ниво на законски определената минимална плата, да им биде вратен износот кој како персонален данок на доход претходно бил уплатен од страна на работодавачите. На оние, пак, кои се во групата 5 отсто граѓани со највисока годишна даночна основица, да им се воведе даночна стапка од 18 проценти од износот на дополнителниот доход.

СДСМ не предвидува промена на единствената стапка од 10 проценти кај данокот на добивка, бидејќи сметаат дека инвеститорите и бизнисот бараат предвидливост и стабилност на законите и деловното опкружување.

Но, какви и да бидат конечните даночни реформи, сите се согласуваат дека се потребни претходни детални анализи и голема внимателност, за државата да не се доведе во ситуација да се стави само на страната на граѓаните, а притоа да ја изгуби бизнис заедницата. Оттаму и отвореноста на стопанствениците со свои идеи и предлози да дадат придонес во реформите со кои би се пополнила буџетската дупка, но притоа целата тежина од даночниот товар да не падне на нивните плеќи, туку државата со други мерки да им го олесни водењето на бизнисот.

 

 

Содржината е прочитана 234 пати.