Бизнис вести

Економистите очекуваат постепено забрзување на инфлацијта и на БДП до 2019 година

Експерти прогнозираат просечна стапка на инфлација оваа година од 1,3 проценти и раст на БДП од 1,1 отсто

четврток, 26 октомври 2017

Економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на стапката на инфлација и на економскиот раст во периодот 2017 - 2019 година. Резултатите од истражувањето „Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП“, што го спроведе Народната банка на Република Македонија во октомври годинава, а е во согласност со кварталниот прашалник за професионални прогнозери што го спроведува Европската централна банка, покажуваат дека економските експерти прогнозираат просечна стапка на инфлација оваа година од 1,3 проценти, а потоа умерено да забрза на 1,7 отсто во 2018 и на 2,0 процента во 2019 година. Просечните очекувања за реалниот раст на БДП, пак, се дека растот ќе изнесува 1,1 отсто во 2017 година, 2,4 и 2,9 проценти во наредните две години соодветно.

Во поглед на очекувањата за стапката на инфлација, експертите оцениле највисока веројатност дека просечната годишна стапка на инфлација во 2017 година ќе се движи во интервалот од 1,0 отсто до 1,4 отсто, во 2018 помеѓу 1,5 и 1,9 проценти, а во 2019 година помеѓу 2,0 отсто и 2,4 отсто. Веројатноста дека стапката на инфлација во 2017 година ќе биде над 1 отсто е дури 79 проценти. За наредната година веројатноста за раст на цените поголем од 1,5 процент изнесува 69 отсто, додека за 2019 година веројатноста за инфлација повисока од два процента е 51 отсто.

Економските експерти оцениле дека најголема е веројатноста годишниот раст на БДП за 2017 година да се движи во интервалот од 0,5 отсто до 0,9 отсто. За наредната година се прогнозира помеѓу 2,5 отсто и 2,9 отсто и за 2019 година дека ќе биде помеѓу 3,0 отсто и 3,4 проценти.
 

Содржината е прочитана 217 пати.