Бизнис вести

Одборот на директори на АмЧам доби двајца нови членови

Новите членови се Јелена Арсовска, генерален директор на „Меккен“ и Радош Вукичевиќ, главен извршен директор на винарска визба „Тиквеш“

четврток, 26 октомври 2017

Генералниот директор на „Меккен“ ДОО – Скопје, Јелена Арсовска и главниот извршен директор на винарската визба „Тиквеш“, Радош Вукичевиќ се избрани за нови членови на Одборот на директори на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам). Тие добија поддршка од 62 претставника на компаниите кои се членки на Комората

На 17. Годишно Генерално собрание на АмЧам се говореше за поефикасно спроведување на законите, избегнување на правната несигурност и за ненадејните промени во регулативите. Собранието го отвори претседателот на Одборот на директори, Славко Пројкоски, потенцирајќи го придонесот на волонтерите и претставниците на АмЧам, кои несебично помагаат и ја споделуваат својата експертиза кон подобрување на деловните практики и локалната легислатива. Тој ја нагласи потребата од континуиран позитивен притисок од компаниите врз Владата за инвестиција во ресурси кои овозможуваат поефикасно спроведување на законите, избегнување на правната несигурност и ненадејните законски промени кои влијаат на бизнис заедницата и на локалната економија.

Извршниот директор на АмЧам, Мишел Османли појасни дека Комората е насочена кон промоција на лојалната конкуренција, зголемување на ефективноста на носењето и спроведувањето на законите, како и кон зголемувањето на учеството на бизнис заедницата во општо-корисните проекти и одговорната бизнис пракса.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, пак, рече дека бизнис лидерите можат да влијаат на зајакнување на владеењето на правото и на намалување на корупцијата само доколку се одговорни во однос на високите општествени стандарди на чесност, интегритет и почит.

Во АмЧам членуваат 118 организации од различни сектори кои се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина.

 

Содржината е прочитана 193 пати.