Бизнис вести

Скопски саем ќе продолжи да организира саемски манифестации

Одржувањето на „Технома“ во „Борис Трајковски“ е привремено решение, а со деловниот план за 2018 година ќе се знае каде ќе бидат лоцирани активностите на долг рок

среда, 25 октомври 2017

Скопски саем ќе продолжи со саемски активности и саемски манифестации ќе се организираат и натаму, рече извршниот директор на Скопски саем, Дејан Кошутиќ на отворањето на годинашната „Технома 2017“. Сепак, за локацијата каде во иднина ќе се одржуваат манифестациите, ќе информираат во наредните месеци.

„Најважно е дека Скопски саем ќе продолжи со организирање саемски активности. Ние сме единствен специјализиран економски оператор во делот на саемски активности во изминатите 60 години. Самото денешно отворање на ‘Технома’ е доказ за каква компанија и со какво искуство и какво ноу-хау се работи. Со поддршка на нашите колеги и пријатели од регионалните саеми и од ЈИЕ успеавме да го организираме овој саем. Ќе продолжиме и понатаму со саемски активности“, рече Кошутиќ

Тој истакна дека одржувањето на „Технома“ во „Борис Трајковски“ е привремено решение. Посочувајќи дека во ноември ќе почнат подготовките за саемите а градежништво и за мебел, Кошутиќ рече дека со деловниот план за 2018 година ќе се знае каде ќе бидат лоцирани саемските манифестации на долг рок.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека Владата изразува поддршка на Скопски саем во изнаоѓањето локација за натамошните активности.

„Доколку од нас како Владата биде побарано да изнајдеме нова локација на која компанијата сака и понатаму да се занимава со саемски манифестации и да изгради нови саемски хали, ние со целиот свој капацитет ќе изнајдеме начин тоа да го обезбедиме“, рече Анѓушев.

Скопски саем е приватизиран во 2001 година кога сопственик стана „Ера груп“ од Словенија, а од 28 јули годинава е во сопственост на „Кардфинанце“ од Софија.

 

Содржината е прочитана 195 пати.