Бизнис вести

Анѓушев: Промената на даноците нема да биде на штета на граѓаните и бизнисите

Владата размислува дефицитите да се покриваат со странски позајмици и со зголемување на некои даноци

среда, 25 октомври 2017

Владата разгледува повеќе опции и бара начини како и од каде да се покријат и недостигот од пари и наследените долгови. Во таа насока се размислува дефицитите да се покриваат со странски позајмици и со зголемување на некои даноци. Но, промената на даноците, како што рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев нема да биде на штета ниту на граѓаните ниту на бизнисите, иако стопанствениците веќе реагираат дека тоа би било дополнително оптоварвање за нив.

„Било какви измени на даноците да се донесат ќе бидат во прилог на граѓаните и стопанствениците“, рече Анѓушев.
Владата размислува за поволни странски позајмици во комбинација со зголемување на даноци. Веќе се разгледува опции за зголемување на придонесите, повисок данок на добивка, а не е исклучена ни можноста за зголемување на ДДВ-то. Дури, неофицијално се зборува дека е можно зголемување на ДДВ за два до три отсто, со што би се обезбедил добар прилив на пари во буџетот, а последиците би биле минимални бидејќи би се зголемиле цените на некои производи, а некои би останале на исто ниво.

Сепак, од Министерството за финансии засега не откриваат што точно ќе биде превземено. Не коментираат ништо се додека не биде донесено конечно решение. Напоменуваат дека намерата е да биде воведен фер даночен систем кој нема да значи никаква промена за најголем дел од населението.
 

Содржината е прочитана 151 пати.